Ако ви останале варени јајца од Велигден, можете да ги искористите како основа за некоја од следните оброк салати. Салатите приготвени со варени јајца се како порачани за деновите после Велигден – хранливи се и можат да го заменат кој било оброк, а воедно ќе ги искористите варените јајца кои веројатно ги имате вишок.
Секако, овие јајца секогаш можете да ги додадете во вашата омилена руска салата, но ако сакате да вкусите нешто со поинаков вкус, имаме неколку предлози. За почеток, славната „мимоза“ која и своето име го добила по декорацијата од жилчки, а нашите баби секогаш ја правеа во овој период.
I МИМОЗА САЛАТА
Потребни состојки: 4 поголеми компири, 6 јајца, 2-3 чаши кисела павлака, 1 мајонез од 100 г, рендана шунка 200-300 г, половина тегла кисели краставички, 300 г сирење/трапист/кашкавал, сол и црн пипер по вкус
Постапка: сварете ги компирите, излупете ги, па откако ќе се оладат, изрендајте ги на крупното ренде. Изрендајте ги и тврдо варените јајца, а потоа и сирењето/кашкавалот. Ситно исечкајте ги шунката и краставичките, а може и нив да ги изрендате.
Павлаката изматете ја заедно со мајонезот. Декоративен, стаклен сад намастете го со малку масло на дното. Потоа наредете слој од рендани компири, посолете и запиперете, па премачкјате со слој од измешаните павлака и мајонез.
Потоа наредете шунка, па јајца, па сирење, па повторно премачкјате со павлака и мајонез, посолете и запиперете. Повторете ја постапката уште еднаш, а на крај декорирајте со рендана жолчка.
II ПОЛСКА САЛАТА
Потребни состојки: 4 средни компири, 2 средни моркови, 4 јајца, 6 кисели краставички, 2 помали јаболка, 2 лажици густ јогурт, 5 лажици мајонез, 1 лажица сенф, свежа мирудија, со и бибер по вкус
Постапка: сварете ги компирите и морковите, а потоа исечкајте ги на коцки. Исечете ги и варените јајца, киселите краставички и јаболката. Ситно исечјате половина китка свежа мирудија/копар. Во посебен сад помешајте јогур, мајонез и сенф. Додајте ги состојките и промешајте додека рамномерно да се изедначат. зачинете по вкус.
III ФРАНЦУСКА САЛАТА СО ЈАЈЦА
Потребни состојки: 4 јајца, 2 поголеми компири, 80 г боранија, 400 г мајонез (или 60/40 мајонез/кисело млеко), сок од еден лимон, 3-4 млади кромитчиња, 3 лажици маслиново масло, сол и црн пипер по вкус, неколку црни маслинки
Постапка: компирот добро измијте го, боранијата исчистете ја, па заедно сварете ги колку да омекнат. Боранијата ситно исечкајте на залак-парчиња, посолете ја и зачинете ја со маслиново масло и сок од половина лимон. Компирот изрендајте го и зачинете го со втората половина од лимоновиот сок, сол и црн пипер.
Варените јајца излупете ги и исто така, изрендајте ги. Во декоративен сад за салати редете: слој боранија, слој компир, мајонез, јајца и повторувајте додека да се потрошат состојките. Украсете со рендани јајца, сечкан млад кромид и црни маслинки.
IV ЛЕСНА САЛАТА ОД ЈАЈЦА
Потребни состојки: 8 јајца, 220 г кисело млеко, 3 лажици мајонез, 1 лажица сенф, 1 лажичка мирудија/копар, 1/4 лажиче лук во прав (или 2 лажички свеж), сол и црн пипер по вкус, 1/4 чаша ситно сечкан целер, 1/4 чаша ситно исечен кромид
Постапка: јајцата треба да бидат тврдо варени, а потоа исечете ги на коцки. Во подлабок сад измешајте кисело млеко, мајонез, сенф и додајте сув копар. Потоа додајте ситно сечкан кромид и целер, па добро промешајте. Во добиената мешавина додајте ги сечканите јајца и повторно промешајте. Зачинете ја салатата и чувајте ја во фрижидер. Може да ја јадете како салата или како намаз.
V АМЕРИКАНСКА САЛАТА ОД ЈАЈЦА
Потребни состојки: 6 јајца, 1 лимон, ворчестер сос, 1 лажица сенф, 4 лажици мајонез, целер, свеж магдонос, млад кромид (5 – 6 перца), 1лажичка кафеав шеќер, сол и црн пипер по вкус
Постапка: варените јајца излупете ги и исечете ги на покрупни парчиња. Магдоносот, целерот и младиот кромид исечкајте ги поситно. Во подлабок сад измешајте ги мајонезот, сенфот, лимоновиот сос, ворчестер сос по вкус, па додајте сол, црн пипер и кафеав шеќер, исто така по вкус.
Во оваа мешавина додајте ги сечканите јајца и ситно сечканиот зеленчук. Добро промешајте и и салатата изладете ја. Се послужува како сендвич со интегрален леб и малку марула. Може да ја зачините и со малку мелено чили.
VI САЛАТА ОД ЈАЈЦА И ТУНА
Потребни состојки: 6 јајца, 2 моркови, 60 г сирење/кашкавал, 1 конзерва туна во растително масло, 100 г крем сирење, 1 лажица мајонез, 1 лимон, 6 кисели краставички, сол и црн пипер по вкус
Постапка: сварете го морковот, па исечкајте го на помали парчиња. Исечкајте ги и краставичките, па промешајте сè со мајонезот, крем сирењето и туната. Зачинете со сол и црн пипер по вкус.
Излупете го лимонот и исечкајте на ситни парчиња, па додајте ги во салатата и промешајте. Издробете го сирењето, а јајцата исечкајте ги ситно, па и нив додајте ги во салатата. Промешајте сè и сервирајте како ладна салата.