Некои ги нарекуваат ШЕЌЕР ПАРЕ, ова се превкусни шербетни колачи. Секој ги приготвува според својот рецепт и секој си користи своја чаша или филџан за кафе како мерка.
Првите дадени количини се мерени со филџан за кафе од 100 мл а вторите со чаша од 236 мл. Најдолу во текстот можете да го погледнете и видеото за нивното приготвување.
Потребни состојки: 250 г путер, 1,5 филџан за кафе – шеќер во прав, 4 филџани гриз, 2 јајца, ½ мала лажичка сода бикарбона, ½ мала лажичка прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 1 лажица сок од цеден лимон, 6 филџани брашно +-, 1 жолчка за премачкување
Овој рецепт е произлезен од оригиналниот рецепт кој ги содржи следните состојки:
250 г несолен путер на собна температура, 1 чаша (од 230-240 мл) мл гриз, 2 поголеми јајца, 1 жолчка за премачкување, ½ лажичка сода бикарбона, ½ лажичка прашок за печиво, ¾ чаша шеќер во прав, 1 лажичка екстракт од ванила и 2-3 чаши сенаменско брашно
За сируп: 4 чаши вода, 4 чаши шеќер, 2 лажици лимонов сок
Постапка: прво пригответе го сирупот…шеќерот со водата ставете ги на умерен оган и мешајте да се раствори шеќерот. Гответе го сирупот околу 10-тина минути од моментот на зовривање и додајте лимонов сок.
Тргнете го настрана да се лади додека ги приготвувате колачите.
Вклучете ја рерната на 180 степени. Путерот кој претходно омекнал на собна температура изматете го со шеќерот и јајцата. Ова можете и со миксер да го направите доколку сакате.
Додајте ги другите состојки, со постепено додавање на брашно, додека добиете меко и компактно тесто кое не се лепи и се одвојува од ѕидот на садот.
Од тестото кинете мали парчиња малку поголеми од орев и од нив формирајте овални облици со 1 см дебелина, со тоа што краевите ќе ги правите да бидат со остар агол.
Редете ги во намастена тепсија или плех, оставајќи по мало растојание помеѓу нив, бидејќи во текот на печењето ќе пораснат.
Премачкајте ги одозгора со изматена жолчка, па направете шари со виљушка, повлекувајќи линии врз премачканиот дел со жолчка, без да се прават вдлабнатини, туку само линии да остане трага.
Печете ги во загреана рерна додека да заруменат одозгора, околу половина час. Извадете ги од рерната и полијте ги со млакиот или изладен сируп.
Поклопете ги и оставете ги на ладно полека да го впијат сирупот. Деталите можете да ги погледнете во видеото: