Рецепт и видео презентација на Даниела од Балканска Кујна. Шарена погача со симпатичен и интересен изглед која ќе ви фати око. Многу лесно се подготвува, а во тоа уверете се и сами.
Тестото се подготвува на сличен начин како и обичното тесто, се подготвува многу едноставно, а тестото е воздушесто и меко. Домашните ја обожаваат. Има прекрасен вкус и мирис кој ќе го опои целиот дом.
Потребни состојки: 600 г брашно, 1 ќесичка инстант сув квасец, 30 г шеќер, 1 мала лажичка сол, 200 мл млеко, 50 мл масло, 50 г маргарин или путер, 1 јајце, 1 жолчка, 30 г какао. За премачкување: 1 жолчка, 1 супена лажица млеко.
Подготовка: Во длабок сад ставете го млекото, јајцето, маслото, шеќерот и квасецот. Другата жолчка чувајте ја за премачкување. Малку промешајте ја смесата да се соединат состојките и јајцето да се размати.
Потоа постепено додавајте го брашното со постојано мешање и ставете малку сол. Пред крајот кога ќе завршите со мешање се додава маргаринот. Мешајте го тестото додека да се соедини со брашното и да се формира, а потоа префрлете го на набрашнета површина и месете го уште малку.
Тестото треба да биде меко замесено. Доколку имате машина за мешање на тестото, уште подобро. Само ставете ги состојките, а ќе го скратите и времето на подготовка.
Пред да го префрлите тестото на набрашнета површина не заборавајте да го додадете маргаринот. Откога ќе го замесите тестото, поделете го на два дела, а само во едниот дел додадете какао и замесете го уште малку. Едното тесто треба да биде бело, а другото кафеаво.
Формирајте мали топчиња од двете теста и оставете ги на собна температура тестото да стаса. Покријте ги со проѕирна фолија за време на стасувањето на тестото. Потребно е да имате еднаков број на топчиња од тестото бидејќи секое бело топче треба да се спои со кафеаво топче тесто.
Земете едно топче и со рацете направете долг валјак од него. Со двете раце раздолжете го тестото, а потоа земете топче тесто од другата боја и повторете ја истата постапка. Бојата на топчињата ја оставаме да ја изберете по ваша желба. Можете да користите најразлични бои за колачи кои ќе ги додадете во замесеното тесто, а за мене наједноставна и најлесна е подготовката со какао.
Откога ќе направите две долги ленти во две различни бои, спојте ги само на едниот врв, а потоа завиткајте ги како плетенка или ролна. Потоа свиткајте ја лентата како круг и редете ги вака подготвените форми во малку намастена тава со хартија за печење.
Истата постапка на подготовка на шарените кругови направете ја и со другите топчиња. Откога ќе ги наредите сите топчиња во тавата ви останува само да ја премачкате погачата. Жолчката која ви остана, измешајте ја со 1 супена лажица млеко ,па со силиконска четка премачкајте одозгора врз погачата.
Оставете го тестото уште малку да стаса, додека ја загревате рерната на 180 степени. Погачата се пече околу 20 – 30 минути. Откога ќе се испече извадете ја од рерна и оставете ја да отстои уште 5 минути на собна температура покриена со кујнска крпа. Деталите од целата постапка може да ги погледнете ОВДЕ.