Оваа шарена кисела зелка не само што е убава и декоративна, туку таа исто така, е неодоливо мирисна и вкусна. Кога ланското зимо за првпат почнавме да ги отвораме теглите, толку брзо се изедоа што посакав да имав направено уште од неа. Салатата е погодна како гарнир, но и како оброк-салата. Изобилува со витамини и минерали.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1,5 кг зелка, 500 г домати (може да користите и зелен домат), 500 г пиперки, 300 г моркови, 300 г кромид, 80-100 г свеж магдонос или копар или целер или некоја друга зелена ароматична билка по ваш вкус (или воопшто не мора да ставате).




ДРУГИ ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 60 г сол, 100 г шеќер, 120 мл рафинирано масло за готвење, 120 мл бел оцет 9%, по неколку зрна црн пипер во секоја тегла, кој сака може и луто пиперче да стави, и по еден ловоров лист во секоја тегла.




ПОСТАПКА: Зелката добро исчистете ја од надворешните листови и евентуална нечистотија, а потоа ситно исечкајте ја или изрендајте ја (како ви е полесно). Пиперките исто така измијте ги и исцедете ги, па исечкајте ги на ленти (прво на половина, па потоа на ленти).




Останатиот зеленчук измијте го и исцедете го. кромидот исчистете го, па исечете го на лентички, а доматите сечете ги на четвртинки или осминки, во зависност од нивната големина. Морковите излупете ги па изрендајте ги.




Магдоносот или другата зелена билка за која ќе се одлучите, ситно исечкајте ја. Целиот исечкан зеленчук ставете го во еден поголем и подлабок сад каде што ќе може убаво да се измеша. Промешајте со голема лажица лопатка или со раце, внимавајќи да не се наг-мечи зеленчукот.




Во зеленчукот додајте сол, шеќер, масло и оцет, па промешајте. Оставете го садот покриен со проѕирна фолија, да отстои 40 минути за да се маринира. За тоа време салатата треба да се промеша 2-3 пати за да се растворат солта и шеќерот.




Пред да се складира во тегли, потребно е уште еднаш добро да се промеша салатата. Теглите претходно стерилизирајте ги за да бидат перфектно чисти, а металните капаци пребришете ги со чист ал-кохол.




Наполнете ги теглите со салатат и дополнете со сокот што останал во садот. Во секоја тегла ставете по еден ловоров лист и црн пипер во зрно (а кој сака може и малку лутко). Затворете ги теглите со капаците, но ги стегајте премногу.




Наредете ги во широко тенџере обложено на дното со крпа и наполнето 2/3 со вода, па откако ќе зоврие водата намалете на умерено и пастеризирате ги теглите во времетраење од 25 минути. Потоа внимателно вадете ги една по една и добро стегнувајте ги капаците.




Откако ќе ги затворите, теглите превртувајте ги наопаку за дополнително да се вакумираат. Вака оставете ги да ги се оладат до собна температура, а потоа сместете ги заедно со останатата зимница, на темно и ладно место, со константна температура.