Сите се прашуваат како полесно да ја одржуваат чистотата на тоалетот и тој секогаш убаво да мириса. Па еве една одлична идеја за освежување и дезинфекција на ВЦ школката и целата бања со помош на домашни, шумливи, миризливи бомбици.
Природно, еколошки чисто, без хемикалии. Идејата одлично функционира, а се приготвуваат многу едноставно. Всушност, користењето на таквите бомбици е вистинско задоволство. ВЦ школката е чиста а тоалетот е миризлив.
Потребни состојки:
-сода бикарбона
-лимонтус (лимонска киселина)
-етерично масло (лаванда, ментол, портокал, лимон и сл.)
Прибор:
-длабок сад
-силиконска шпатула/лопатка (дрвена или пластична лажица)
-распрскувач со малку дестилирана вода
-силиконски калапи (не е задолжително)
Постапка:
На еден дел лимонтус постребни се 2,5 дела сода бикарбона и 25-30 капки етерично масло.
На пример, јас ги правам од 100 г лимонтус, 250 г сода бикарбона и 50 капки етерично масло од портокал. Како резултат добив 20 бомбици за што ми беа потребни околу 20 минути.
Во еден длабок сад помешајте ги содата и лимонтусот. Во смесата додадете етерично масло и повторно добро промешајте. Во смесата можете да додадете и некоја боја во прав, а можете да ја оставите и безбојна.
Во еден распрскувач налејте вода, но најдобро е да користите провриена ладна или филтрирана вода. Сега доаѓа клучниот момент.
Испрскајте ја смесата и промешајте. Не влажнете премногу! Само малку.
Подобро е да потрошите малку повеќе време на приготвување, отколку да ја расипете смесата, бидејќи поради голема количина на вода, содата и лимонтусот моментно ќе стапат во реакција, смесата ќе се активира и ќе се расипе смесата.
Потребно е да се испрска смесата околу 10 пати. Не треба да биде премногу мокра, туку само малку навлажнета.
Во силиконските калапи со лажица или со рака (задолжително носете ракавица) префрлете ја смесата. Не притискајте премногу зошто ако се премногу стегнати бомбиците потешко ќе се растопуваат во водата. Не ги преполнувајте калапите, полнете ги само до половина за да може смесата уште да расте.
Не мора да користите силиконски калапи, можете и со раце да правите топчиња.
Оставете ги бомбиците на собна температура да се исушат 3-4 часа.
Чувајте ги во пластичен сад или во стаклена тегла.
Едноставно фрлете една бомбица во ВЦ школката. За време на „вриењето“ бомбицата чисти, освежува и го дезодорира воздухот во тоалетот.
Резултат: чиста ВЦ школка и мирисна просторија.
Бомбиците можете да ги наредите во бањата, многу убаво мирисаат (10-15) дена, а кога ќе го изгубат својот мирис, само фрлете ги во ВЦ школката.