ПОСНИ СОЛЕНИ ТОРТИ: готови се за 15 минути а трпезата ќе ви биде полна. Најбогатата слика на посна славска трпеза се солените торти кои всушност многу лесно се приготвуваат а изгледаат спектакуларно…
Многумина нема да ви веруваат дека за нивното приготвување ви биле потребни само 15 минути. Но тоа е вистината. Поентата е да се погоди вистинската мерка, редењето и украсувањето на тортата. Уживајте додека ги приготвувате јадењата за вашата слава или било каква друга свечена пригода. Ова се неколку феноменални рецепти за посни солени торти:
I РЕЦЕПТ – Солена посна торта со розен кори, брзо и вкусно, декоративно предјадење идеално за посна слава. Рецепт и видео презентација на “Лесно е да се готви” ( Lako je kuvati ) – Солена посна торта со розен кори. Декоративно, вкусно, ладно предјадење кое е идеално за време на пост или за посни слави.
Потребни состојки: 1 пакување солени розен кори, 300 мл вода, 4 лажици густин, 250 г посен мајонез, 100 г посен маргарин, 2 конзерви туна од по 320-360 г (во видеото се користат конзерви од по 160 г), 450 г пченка во зрно + 200 г ако сакате да биде побогата тортата.
Исто така, може да додадете 4-5 кисели краставички, 1 лажичка црвена пиперка во прав, сол и црн пипер по вкус. За наросување: 100-150 г посен кашкавал, по желба сечкани солени кикирики. Постапка: Најпрво сварете ја пченката според упатството на амбалажата, околу 10 минути.
Потоа процедете ја. Од 300 мл вода одземете малку за да разматите 4 лажици густин, а остатокот вода ставете ја на оган да зоврие. Во водата додадете малку сол, а кога ќе зоврие постепено додадете го густинот и мешајте додека да се згусне. Во топлиот фил додадете 100 г посен маргарин и мешајте додека тој да се растопи и соедини.
Можете да матите со жица или со миксер. За побрзо да се олади филот, префрлете го во друг сад. Конзервите туна исцедете ги од вишокот масло и добро иситнете ги со виљушка. Додадете црн пипер и промешајте. На процедената пченка додадете сол по вкус и промешајте.
Во изладениот фил постепено додадете го посниот мајонез, лажица по лажица и мешајте додека да се соедини. Добиениот фил поделете го на два дела и малку оставете за премачкување на целата торта. Едниот дел додадете го во пченката и промешајте добро да се изедначи, а истото направете го со втората половина и иситнетата туна.
Двата фила поделете ги секој на три дела, за да можат рамномерно да се филуваат розен корите. Филување: кора-фил од пченка, кора-фил од туна… додека да се потроши материјалот. Во дел од остатокот од филот што го оставивте на страна додадете малку зачинска црвена пиперка и промешајте за да добиете завршен, црвен фил, врз кој ќе ставите уште една розен кора.
Врз тортата ставете нешто тешко за да можат корите да се стегнат, околу 20 минути. Потоа премачкајте ја тортата со остатокот од филот и одозгора наросете рендан посен кашкавал. Деталите околу постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ – Совршена солена посна торта – Декоративно, вкусно, ладно предјадење. Рецепт и видео презентација на “Лесно е да се готви” – Солена посна торта. Вкусна и декоративна, а брзо и едноставно се приготвува. Она е навистина совршен рецепт за декоративно, ладно и вкусно предјадење.
Потребни состојки: 300-350 г солени посни крекери (300 г е доволно ако не го редите и четвртиот слој крекери), околу 150 мл обична вода или можете да ја искористите и течноста од туршијата или пак течноста од краставичките во тегла. Оваа течност се користи за натопување на крекерите.
Исто така, ќе ви биде потрено и 150 г посен маргарин, 200-250 г посен мајонез, 2 лажици сенф, 2 лажици ајвар (а наместо ајвар може да користите и кечап или една лажичка црвена зачинска пиперка во прав. Ова се додава за боење на тој фил.
Понатаму, ќе ви бидат потребни и следниве состојки: 100 г сусам, 100 г солени и печени или пржени кикирики, 2 кисели пиперки од туршија, 4 помали кисели краставички, 2 компири кои заедно тежат околу 200 г и 2 моркови околу 150 г. По желба, можете да додадете и туна во парче.
Постапка: Најпрво ситно исечкајте ги морковите и компирите (на ситни коцкички), ставете ги во тенџере, прелијте ги со ладна вода и ставете ги на умерен оган да се сварат. Варете ги 7 до 10 минути. брзо ќе бидат готови, па затоа внимавајте да не ги преварите, бидејќи во спротивно ќе бидат многу меки.
Додека се варат компирот и морковот, на страна исечкајте две кисели пиперки и четири кисели краставички. Добро изматете 150 г посен маргарин, претходон исечкан на листови и омекнат на собна температура. Додадете во него 200-250 г посен мајонез, па заедно пенасто изматете ги со миксерот.
Пред да ги додадете останатите состојки во овој крем, одвојте две до три лажици на страна или една четвртина, за да ја премачкате тортата одозгора. Во поголемиот дел од смесата додадете две лажици сенф и добро соединете со миксерот, додека да се изедначи.
Сварениот компир и морков процедете ги од течноста во која се вареле, па прелијте ги со една чаша ладна вода и додадете малку сол. Во блендер сомелете 100 г солени кикирики. Сусамот (100 г) испечете го во сува тава додека малку да зарумени и ароматично да замириса.
Одвојте на страна 2-3 лажици сусам за декорирање, а остатокот додадете го во филот од маргарин, мајонез и сенф. Во оваа смеса додадете ги и кикириките, а третина од оваа смеса одвојте ја на страна. Во двете третини од смесата додадете ситно сечканите кисели пиперки и краставички.
Промешајте добро, а потоа додадете ги морковот и компирот кои претходно сте ги процедиле од ладната вода. Уште еднаш добро промешајте со лажица за да се соединат систе состојки, а потоа вкусете и доколку сметате дека е потребно, додадете уште малку сол или некој зачин по желба.
Во едната третина од смесата која претходно ја одвоивте, додадете две лажици ајвар и промешајте да се соедини. Наместо ајвар може да додадете кечап или една лажичка црвена зачинска пиперка во прав. Започнете со редењето на солената торта. Посните крекери кратко натопувајте ги во течност (по ваш избор) и редете ги врз чинија за сервирање.
Потоа рамномерно распоредете половина од филот со киселите краставички и компири. Убаво распоредете и израмнете. Потоа додадете уште еден слој крекери, исто така натопувани во течност. Врз овој слој крекери распоредете го филот со ајвар и убаво израмнете. потоа наредете го третиот слој крекери.
Преку третиот дел распоредете го остатокот од филот со краставички и компири, односно втората половина. Е сега, понатаму можете да продолжите како што сакате. Наредете четврт слој крекери и премачкјате со основниот фил од маргарин и мајонез кој го тргнавте на страна уште на почетокот или не ставајте четврт слој крекери.
Ова зависи од вас, од вашата желба како да ви изгледа солената торта. Убаво премачкјате ја целата торта, израмнете, па наросете ја со сусам или со издробени кекси, доколку ви останале вишок. Се разбира, тортата можете да ја декорирате и по ваш избор, со магдонос, морков, краставички, варена пченка…
Тортата оставете ја да отстои еден ден во фрижидер за да можат крекерите убаво да омекнат. тогаш најубаво се сече. Деталите околу подготовката на оваа солена торта можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
III РЕЦЕПТ – Посна солена бајадера, одлична за слави како предјадење, на многумина им се допадна. Фотографија и рецепт на Јована. Совршена е за посни слави како додаток на предјадењето, на многумина им се допадна. Потребни состојки:
800 г посен кашкавал, 250 г маргарин, 200 г презла/лебни трошки, 100 г печен сусам, 1 конзерва туна во парче (170 г), 3 сечкани кисели краставички, 1 лажичка слатка црвена пиперка во прав, 1 помала китка сечкан магдонос. Постапка: Кашкавалот изрендајте го на ситно ренде, па изматете го со претходно омекнатиот маргарин.
Смесата поделете ја на три дела. Во првиот дел ставете презла и сусам. Во вториот дел ставете исцедена туна и алева пиперка. Во третиот дел ставете сечкани краставички и магдонос. Секоја од смесите треба добро да се измеша со раце за да се соединат состојките.
Во подлабок мал плех (помал од 20х20 см) обложен со проѕирна фолија, прво нанесете ја смесата со презла, па врз неа смесата со тума и на крај смесата со краставички. Израмнете и ставете во фрижидер минимум три часа, а најдобро еден ден за добро да се стегне.
Се сече убаво на парчиња по желба. Оваа одлична солена бајадера ќе ве освои со првиот залак! Одозгора можете да наросите рендан посен кашкавал или сусам. Оваа бајадера можете да ја направите и во масна варијанта, со тоа што ќе користите обичен кашкавал и наместо туна можете да ставите варено пилешко месо, ситно исечкано.
IV РЕЦЕПТ – СОЛЕНА ТОСТ ТОРТА – Потребни состојки: 1 пакување тост леб, 1 конзерва туна (180 г), 1 лажица сенф, 1 лажица посен мајонез, 1 рендана кисела краставичка, вода од киселите краставички, 300 г ајвар
Постапка: Тост лебот кратко натопете го во водата од краставичките, па редете го на долгнавеста чинија за сервирање. Во првиот ред наредете 4 тост лепчиња по должина. Преку лебот намачкајте половина од ајварот, па наредете втор слој лепчиња.
Измешајте туна, сенф, посен пајонез и краставички, па со половината од оваа смеса премачкајте го лепчето. Наредете следен ред лепче, па премачкајте со ајвар. Па преку последниот ред тост лепчиња премачкајте со остатокот од филот со туна.
V РЕЦЕПТ – БОГАТА ПОСНА ТОРТА СО ШАМПИЊОНИ – Потребни состојки: 1 пакување кори за розен торта, ½ маргарин, 150 г ајвар, 150 г посен димен кашкавал или тофу сирење, 300 г шампињони, 4-5 лажици спанаќ, 6 лажици густин. Постапка: Сварете 500 мл вода со 6 лажици густин и малку сол.
Кога ќе излади изматете половина маргарин и поделете го на три дела. Во првиот дел додадете 150 г ајвар, во вториот дел додадете 150 г рендан кашкавал и во третиот додадете 300 ф шампињони. Посебно сварете 4-5 лажици спанаќ и измешајте со малку брашно. Редете: кора – 1 фил, кора – 2 фил, кора 3 фил – спанаќ, кора – 3 фил, кора 2 фил, кора 1 фил
VI РЕЦЕПТ – ПОСНА ТОРТА СО КРЕКЕРИ – Потребни состојки: 300 г посни крекери, 150 г маргарин, 200 г посен мајонез, 1 лажица сенф, 2-3 кисели краставички, 2 варени моркови, 2 варени компири, 50 г печен сусам и 50 г печени кикирики
Постапка: Маргаринот изматете го пенесто, а потоа додадете мајонез и сенф па заедно добро изматете ги, такашто ќе добиете изедначен крем. Морковот, компирот и киселите краставички исечете ги на коцки, а потоа измешајте ги со кремот. Уште еднаш добро промешајте да се спојат состојките.
На чинија за сервирање наредете ред крекери претходно натопени во малку вода. Преку нив наредете ред фил, па повторно крекери и фил и се така додека да ви се потроши материјалот. Тортата премачкајте ја со посен мајонез, а потоа украсете со печен сусам и кикирики. Оставете во фрижидер да излади а крекерите да го впијат филот. Најдобро би било тортата да отстои преку ноќ, а доволни се и 2 часа.
VII РЕЦЕПТ – ПОСНА САЛАТА СО ОБЛАНДИ – Потребни состојки: 3 листа обланди, 250 г маргарин, 250 г мајонез, 50 г сенф, 100 г печен сусам, 1 лимон – сок, 2 лажици ајвар, 50 г печени кикирики и 50 г блитва
Постапка: Маргаринот пенесто изматете го а потоа помешајте со мајонез, сенф, сусам и лимонов сок. Добро измешајте ги за да се изедначи смесата, а потоа поделете ја на три еднакви дела. Во првиот дел додадете ајвар, во вториот додадете претходно обарена блитва, а во третиот сечкани кикирики. Сите три смеси посебно измешајте ги за убаво да се изедначат.
Првиот лист обланда премачкајте го со смесата од ајвар, ставете го вториот лист обланда, па преку него смесата од блитва, па третиот лист обланда и на крај смесата од кикирики. Рамномерно распоредете по целата торта од оваа последна смеса, а по вкус додадете уште малку печен сусам одозгора. Оставете ја тората да излади и омекне.