Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, (или на 25 март според стариот) календар.

Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. и се смета за тежок празник и затоа тогаш не се работи.

Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица итн.

Свето Благовештение е празник на Пресвета Богородица, но некои го сметаат и за празник Господов.

Кога Пресветата Дева наврши единаесет години пребивање и служење во ерусалимскиот храм и четиринаест од раѓањето – значи кога стапи во петнаесеттата година од животот – свештениците и соопштија дека според Законот повеќе не може да остане при храмот, туку треба да пристапи кон веридба и брак.

Одговорот на Пресветата Дева беше големо изненадување за тамошните свештеници. Изјави дека таа себеси Му се посветила на Бога и не сака да стапува во брак со никого.

По Божја Промисла и вдахновение тогаш првосвештеникот Захарија, татко на свети Јован Крстител, се договори со другите свештеници, собра дванаесет вдовци од Давидовото племе за да пронајдат еден на когошто би му ја довериле Дева Марија како на оној кој ќе ја чува нејзината девственост и ќе се грижи за неа.

Му ја доверија на стариот Јосиф од Назарет, којшто ѝ беше роднина.

Во домот Јосифов Пресветата Дева продолжи да живее исто како во Соломоновиот храм, минувајќи го времето во читање на Светото Писмо, во богомислие и ракоделие.

Од дома не излегуваше речиси никогаш, ниту се интересираше за светските работи и настани. Малку зборуваше со кој било и никогаш без особена потреба. Најчесто општеше со ќерките на Јосиф.

Но, кога се исполни времето означено со пророштвото на Даниил и кога Бог благоволи да го исполни ветувањето што му го даде на прогонетиот Адам и на Пророците, на Пресветата Дева ѝ се јави во одајата великиот архангел Гавриил, а некои свештеници пишуваа дека во оној миг таа го имала пред себе отворено пророштвото на Исаија кој вели:

„Ете, девојка ќе зачне и ќе роди син!“ Гавриил ѝ се јави во архангелска светлина и ѝ рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе!“ И сè друго, како што пишува во Евангелието на Божествениот Лука.

Со оваа архангелска благовест и со слегувањето на Светиот Дух врз Пречистата Дева, започна спасението на луѓето и обновата на созданието. А историјата на Новиот Завет ќе значи радост за човештвото и за сета твар.

+++

Според народните верувања овој ден е благ, па и раната не боли, па затоа на малите деца им ги дупат ушите за обетки.

На Благовец треба и да се зајаде првиот мед во таа година. А, и садењето тикви требало да започне на Благовец, за да бидат многу благи.

Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег.

Спроти празникот се мете и се чисти, а сметот се гори, за да изгори сето насобрано зло.