Здраво на сите! денес испеков превкусен леб со сенф и сакав рецептот да го споделам со вас. Само го додавате сенфот во брашното, брзо го замесувате и тестото е готово. нема потреба од премногу месење, навистина релативно брзо и лесно се замесува.
Велам брзо, оти не мора да се меси по 10-15 минути, туку тоа брзо станува компактно, за само неколку минути. Па, ако го исклучите времето потребно за стасување и печење на лебот, навистина овој рецепт нема да ви одземе многу од вашето време.
Јас одлучив повеќе да не купувам леб, туку да си печам сама дома, оти не само што е многу повкусен, туку и поздрав, зашто точно знам што сум ставила во него. Ако испечам поголема количина, за да не ми се расипе, вишкот го замрзнувам.
Денес испеков леб со сенф и мора да признам дека рецептот е многу интересен. Испробајте го и вие, вашите најблиски ќе го ценат вашиот труд. Ова е германски рецепт од Олга, а еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г + 200 г брашно, 1 супена лажица шеќер, 2 чајни лажички сол, 10 г сув квасец, 500 мл млака вода, 30 мл растително масло, 3 супени лажици зрнест сенф (синап) и уште малку масло за намастување на калапите
ПОСТАПКА: Во подлабок сад просејте го брашното, па помешајте го со сув квасец, сол и шеќер. Во средината направете вдлабнување како бунарче, па тука сипете ја топлата вода, маслото и зрнестиот синап. Мешајте со дрвена лажица или шпатула.
Штом брашното ја впие сета вода, додајте уште 200 г просеано брашно. Замесете со рака додека да добиете меко и малку лепливо тесто. Намастете ја работната површина па истресете го тестото. Месете го неколку минутки додека да стане мазно.
Длабок сад намастете го со масло на дното и ѕидовите, па ставете го внатре тестото и затворете го со проѕирна-стреч фолија и кујнска крпа. Оставете го на топло место за да може убаво да ферментира и да го удвои волуменот, за што му се потребни 50-60 минути.
Кога тестото убаво ќе нарасне, ослободете го од воздухот со нежно притискање на раката, па повторно обликувајте го на топка. Спуштете го врз намастена работна површина, лесно премесете го брз многу да го гњавите, па поделете го на два дела.
Од секој дел обликувајте топки. Двете теста покријте ги и оставете ги повторно да ферментираат уште половина час. Потоа земете едно, спуштете го врз малку набрашнета работна површина и со помош на оклагија развлечете го во кора.
Свиткајте го тестото во ролат, па нежно спојте ги краевите за да се залепат и обликувајте ја векната. Вака обликуваното тесто спушете го во претходно намастен калап за леб. Повторете ја постапката и со второто тесто.
Покријте ги и оставете ги на топло место да стасуваат уште 20 минути за да го зголемат волуменот. По изминатото време нежно премачкјате ги одозгора со вода (со помош на кујнска силиконска четкичка).
Печете го 30-35 минути во претходно загреана рерна на 180 степени. Печениот леб извадете го од калапите и оставете го да се олади на решетка. Мириса неодоливо, а мек е како памук. Видеопрезентацијата од неговата постапка можете да ја погледнете ОВДЕ.