Откога започна велигденскиот пост, барав рецепт кој се подготвува набрзина, а да не се прави со јајца, млеко и масло, па случајно налетав на колачот на Сања од „Кујната на Аурора“.
Со сопругот бевме многу среќни што го најдов овој рецепт, бидејќи и двајцата сме големи љубители на благото. Овој посен колач според рецептот на Сања, можете да го приготвувате секој ден и никогаш да не ви здодее.
Многу е вкусен, се прави за кратко време, но уште побрзо се јаде. За време на посните денови е одличен десерт за секого, дури и за оние кои не постат.
„Доколку сте љубители на старомодни, брзи и едноставни колачи кои се јадат за кратко време, еве еден таков рецепт.
Додека го пишувам рецептот, половина колач се изеде, додека сè уште беше врел. Мек е како сунѓер, полн со ситни шуплини, едноставно повторно и повторно се чудам колку е убав.
Се прави со состојки кои постојано ги имаме во домот, колачот е на маса за 30 минути, никогаш побрзо и поедноставно. Пробајте го овој рецепт,“ вели Сања. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 400 мл вода, 10 лажици шеќер, 4 лажици џем од кајсии или некој друг по ваш избор, 5 лажици гриз, 8 полни лажици мелени ореви, 10 г ванилин шеќер, 14 г прашок за печиво, малку рендана кора од лимон, 15 лажици брашно.
ЗА НА КРАЈ: уште малку џем за премачкување и мелени ореви за наросување.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 12 лажици шеќер, 400 мл вода, 20 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 4 лажици џем по избор (одберете помек за да може убаво да измати), 100 г пченички ‘ркулци (тоа е замена за ореви и се користи во пост на вода, а ако немате може да ставите мак, рогач или нешто слично), 300 г чистени вишни.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Во подлабок сад сипете 400 мл вода и додајте околу 10 лажици шеќер, па промешајте малку за да почне шеќерот да се растопува во водата.
Додајте 4 супени лажици џем од кајсии (според мене е најубав) и повторно измешајте додека џемот да се разреди во водата.
Во смесата додајте 5 лажици гриз, па веднаш потоа додајте 8 полни лажици мелени ореви.
Се додаваат и останатите суви состојки како 10 г ванилин шеќер, 14 г прашок за печиво и повторно сѐ се меша додека смесата да стане еднолична.
Јас секогаш додавам малку рендана кора од лимон, а може да ставите и од портокал.
Просејте 15 лажици брашно низ сито и додајте го во смесата. Брашното се додава секогаш на крај и не се става премногу за колачот да излезе мек. Добро промешајте со лажица или шпатула додека да се изедначат состојките и да добиете мазна смеса без грутчиња од брашното.
Добиената смеса излејте ја во намастен калап со димензии 30х20 см, рамномерно распоредете, израмнете и протресете за да излезат евентуални воздушни меурчиња на дното.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 30 минути (проверете со чепкалка). Колачот во зависност од рерната може да се пече помалку или подолго, затоа повремено проверувајте го.
Оставете го печениот колач целосно да се излади, па одозгора премачкајте го џем по ваш избор во тенок слој, па потоа наросете мелени ореви. Потоа послужете го на коцки и послужете го со кафе или чај.
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Во сад излејте 400 мл вода, додајте 4 лажици џем и 200 г шеќер и добро промешајте.
Потоа додајте 100 г пченични ‘ркулци и пак промешајте, па додајте 20 лажици брашно помешано со 1 кесичка прашок за печиво и убаво сè соединете.
На оваа смеса додајте одмрзнати и исчистени вишни (околу 300 г), па промешајте со лажица. Оставете да отстои додека рерната се загрее на 180 степени.
За тоа време вишните малку ќе се отпуштат, па затоа уште еднаш промешајте за да соедини и испуштениот сок. Излејте ја смесата во плех со димензии 30х20 обложен со хартија и печете околу 30 минути во зависност од рерната.
Исечете на коцки и наросете со шеќер во прав. Деталите за првиот рецепт може да ги погледнете ОВДЕ.