Кога немате доволно време или не сте можеле одвечер да направите ручек, а кога ќе се вратите од работа сте многу гладни, овој рецепт е вистинскиот за вас. Потребно е да имате само три намирници кои веројатно веќе ги имате дома: макарони, кашкавал и јајца. На сите ни е познато колку е едноставно и лесно да се подготват макарони или други тестенини, но на овој начин не сте ги подготвиле.
За овој рецепт може да користите било какви тестенини кои ги имате дома, јас користев од малите макарончиња кои најчесто се ставаат во салати. Дечињата ги обожаваат и затоа само тие ги купувам. Баба ми ми го кажа овој ручек кој се подготвува брзо и лесно, а сепак може да се заштеди.
Макароните излегуваат кремасти, а од кашкавалот и јајцата добиваат тенка коричка која ги држи цврсто, како да сте подготвиле пита. Според мене, овој рецепт најдобро се прави со малите или средни макарони, со шпагети немам пробано. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 350 г мали макарони (повеќе од половина кесичка), 140 г рендан кашкавал (70+70), 4 јајца, сол и црн пипер, 4 парчиња кашкавал на листови.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ – ЗАПЕЧЕНИ МАКАРОНИ): 400 г тестенини со било каков облик, ситно сирење (јас имав 500 г, па целото го ставив, а обично ставам и помалку, може и фета сирење, па потоа е малку посилно, а вие ставете по желба), 3 цели јајца, 50-100 масло, 1 чаша кисела павлака од 180 г, 300 мл млеко.
ПОСТАПКА: Во едно тенџере сипете вода, посолете со 1-2 лажички сол, промешајте и ставете на рингла да зоврие. Кога ќе се појави првиот клуч, ставете ги макароните и промешајте за да навлезат во водата. Гответе ги неколку минути, според упатството на кесичката.
Макароните не треба да се преварат. Можеби ќе ви се чинат тврди по варењето, но тие дополнително ќе се зготват подоцна со јајцата и кашкавалот. Процедете ги од водата, па оставете ги сосем малку да се оладат. Во меѓувреме, скршете ги јајцата во подлабок сад и изматете ги пенасто. Настрана изрендајте го кашкавалот и издвојте половина.
Ставете ги макароните во јајцата, измешајте ги додека целосно да се впијат, како сос, па додајте половина од кашкавалот. Мешајте додека кашкавалот да се стопи во врелите макарони. Во тавче на рингла, ставете малку масло и почекајте да се загрее. Излејте половина од количината со макароните, распоредете и одозгора наредете 3-4 листови кашкавал.
Врз кашкавалот излејте ја втората количина макарони и гответе на тивок оган, под капак приближно 10 минути. По изминатото време, со помош на дрвена даска превртете ја питата да се запече и од втората страна и наредете ја втората половина од кашкавалот. Гответе уште 10 минути. Деталите подгледнете ги ОВДЕ, а во продолжение прочитајте ја постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Во едно тенџере ставете доста вода, па кога ќе зоврие истресете ги тестенините и оставете ги да се варат 5 минути. Потоа процедете ги. Во посебен сад изматете ги јајцата и додадете малку сол. Потоа додадете масло, кисела павлака и млеко.
Промешајте добро за да се изедначат состојките. Во намастена тепсија или плех со средна величина (претходно намастен со малку масло) ставете третина од подварените тестенини, онака со лажица, рамномерно насекаде по дното распоредете, а потоа одозгора наросете половина од сирењето.
Преку сирењето повторно рамномерно распоредете третина од тестенините, па потоа одозгора наросете ја втората половина од сирењето. Може малку да посолите доколку сирењето не е доволно солено. На крај завршете со последната третина од тестенините.
Одозгора целата содржина прелијте ја со претходно изматената смеса од јајца и млеко. малку со лажицата израмнете за да биде сè убаво потопено. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени додека да испари течноста и се впие во макароните.
Пред крај, може и не мора, но ние сакаме одозгора да наросиме рендан кашкавал или некое друго тврдо сирење и да се оставите уште неколку минути додека да се растопи и запече. На овој начин со кашкавалот/тврдото сирење јадењето добива уште поубав вкус. / domaсirecepti.nеt