Жалфијата (Salvia officinalis) е лековита билка позната по реченицата „Зошто некој да умре ако во градината му расте жалфија?“
Помалку се говори за зачинската функција на оваа навистина супербилка. Жалфијата е сестран зачин за многу слатки и солени јадења, а некои тврдат дека како зачин е многу поефикасна отколку како лек. Го олеснува варењето на храната, особено онаа помасната. А многу убаво мириса…
Овие денови жалфијата почнува да цвета и пчели ја облетуваат. Неверојатно ги привлекува пчелите, па можеби тоа е уште една причина поради која би требало сите да ја засадиме.
Ако малку навлезете во народните верувања, ќе наидете дека жалфијата се употребувала и во магии, најмногу во љубовни магии, за напредок во работата и за чистење на куќата од мрачни и зли сили. Можеби оттаму вештерките се претставени како летаат на метли, (правосмукалките се подоцна измислени : – )) во обид да се исчисти куќата од зли сили.
Во спомен на тие магиски ритуали и за постигнување на посебно радосно расположение, можеме да ја употребиме жалфијата за приготвување на суви колачи, познати како „кинески колачиња на среќата“. Тоа се кекси со посебен вкус.
Во колачињата треба да се стават пораки напишани според друштвото на консументи. Може да бидат шеговити, советодавни, љубовни… Колачињата обично се даваат на крај од оброкот, но не е задолжително. Можете било кога, кога сакате добро расположение во друштвото.
Потребни состојки за 35-40 колачиња:
300 г брашно
½ прашок за печиво
5 лажици многу ситно исечкан лист од жалфија (или издробени 3 лажици сува билка)
4 лажици шеќер
1 ванилин шеќер
2 цели јајца + 1 жолчка
1 полна лажица кисела павлака
2 лажици масло
1 прстофат сол
Таа едната белка што ќе остане не ја фрлајте, ќе ви треба подоцна, за премачкување.
40 лентички со испишани пораки со димензија 10х1,5 см, 1 чепкалка за заби за виткање на пораките.
Постапка:
Замесете цврсто но еластично тесто од сите состојки, развлечете тенка кора и сечете кругови 7 см (може со чаша). Половина од кругот премачкајте го со белката. Во средината ставете ја пораката свиткана со чепкалка за заби.
Преклопете го кругот преку пораката и со прсти залепете. Преку работ од чаша пресвиткајте го колачето.
Може да се пече во калапи за мафини или во обична рамна тепсија. Температурата на однапред загреана рерна е 200 степени, време -10 минути.