Ова не е обична, класична пица која се приготвува со киснето тесто, туку ова е рецепт за приготвување на многу брзо тесто за кое нема потреба од чекање за да стасува. Вкусна, брза и лесна пица!
Потребни состојки: 1 чаша јогурт, 2 чаши брашно, 2 лажици масло, ½ лажичка сол и ½ лажичка прашок за печиво. Постапка: од брашното, солта, прашокот за печиво, маслото и јогуртот замесете тесто.
Тестото веднаш развлечете го на набрашнета работна површина, па пренесете го во плех обложен со хартија за печење. Филувајте по сопствен избор. премачкјате го со доматен сос, додајте тенки листови сувомеснато.
Потоа наредете моцарела, шери домати, рендан кашкавал или доколку повеќе ја сакате во „веге“ варијанта, наредете сечкан зеленчук. Приготвената пица ставете ја да се пече во претходно добро загреана рерна на 220 степени 10-тина минути или додека малку да зацрвенат краевите.
Додека се пече пицата, пожелно е првите 5-7 минути да не се отвора рерната. Прочитајте го и следниот рецепт за брза пица, па одберете си го вашиот омилен рецепт. Следниот рецепт е за брза пица со јогурт, без квасец, мека и следниот ден.
Драги мои, денес со вас сакам да го споделам рецептот за едно брзо и едноставно приготвување на пица. Ова не е класична пица, може да ја наречеме и лажна пица, но има одличен вкус. Многу брзо се приготвува и веќе за половина час имате оброк на маса. Во 90-тите често го правев ова тесто, а фил она што ќе се најде во фрижидер.
Потребни состојки: 2 чаши (од 200 мл) брашно, 1 рамна лажичка сол, ½ прашок за печиво, 1 чаша јогурт, 3 лажици масло,уште малку брашно за премесување и развлекување на тестото. За фил: доматен сос, 250-300 г кашкавал, 200 – 250 г сувомеснато по желба, маслинки, печурки по желба, босилек, оригано, малку мајонез.
Постапка: Во еден сад ставете 2 чаши брашно, 1 рамна лажичка сол и ½ кесичка прашок за печиво. Промешајте ги состојките. Потоа додајте 1 чаша јогурт на собна температура и 3 лажици масло. Прво со лажица замесете го тестото, а потоа и со рака.
Замесеното тесто оставете го 5 минути да се одмори. После 5 минути тестото префрлете го на набрашнета работна површина и кратко промесете го. Од ова тесто можете да направите една голема или две мали пици.
Развлечете тенка кора. Развлекувањето може да го правите на набрашнета површина или веднаш на хартијата за печење. Премачкајте со доматен сос, по желба додајте малку босилек и филувајте понатаму по ваш избор.
Приготвената пица одозгора наросете ја со неколку капки мајонез за да биде помека. Пицата печете ја во загреана рерна на 220 степени околу 8-10 минути во зависност од вашата рерна.