Вам можеби ви е познат како „Еурокрем колач“, но за мене беше право откритие. Веднаш побарав рецепт и го направив, а го изедовме во рекордно време.
Штом се изеде последното парче, веднаш го направив по вторпат, но состојките двојно ги зголемив.
Оттогаш редовно и многу често го правам. Едвај дочекав да го споделам со драгите луѓе околу себе, за да можат и тие да уживаат во убавиот вкус.
Запишете си го рецептот ако го немате и при првата можност направете го. Не чекајте некоја посебна пригода, едноставно разбувате си го денот и засладете се. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 3 супени лажици шеќер, 3 супени лажици млеко, 1 супена лажица масло, 3 супени лажици брашно, 1 лажичка прашок за печиво (1/2 кесичка, 5 г), 3 супени лажици чоколадо во прав, 3 супени лажици печени мелени лешници и 150 мл чоколадно млеко за прелевање на бисквитот
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КРЕМ: 1 литар млеко, 100 г шеќер, 3 кесички пудинг од ванила (вкупно 120 г), 300 мл слатка павлака, 5 лажици светол еурокрем, 5 лажици темен еурокрем и 200 мл слатка павлака – шлаг за декорација
ПОСТАПКА: Како што можете да забележите, повеќето состојки се со количина од 3, па рецептот е многу лесен за памтење, но и за правење.
Најпрво пригответе го кремот: во еден сад ставете го прашакот од 3 пудинзи со вкус на ванила, 100 г шеќер и малку млеко одземено од 1 литар. Убаво промешајте за да нема грутчиња од прашокот.
Остатокот од млекото ставете го на оган, а кога ќе зоврие тргнете го настрана или намалете ја температурата. Додајте го изматениот пудинг, па вратете повторно на рингла и сварете го со непрекинато мешање додека да ја добие потребната густина.
Пудингот претурете го во друг сад, покријте го со проѕирна фолија и оставете го да се олади. За тоа време птигответе го биксвитот: во подлабок сад ставете 3 лажици брашно и една лажичка прашок за печиво, па промешајте.
Во друг сад скршете 3 јајца и додајте 3 лажици шеќер, па пенасто изматете ги со миксер додека да се растопи шеќерот и да згуснат. Додајте 1 лажица масло и 3 лажици млеко.
Кратко соединете со помала брзина на миксерот, колку да се изедначат во смесата.
Потоа додајте просеано брашно помешано со 3 лажици чоколадо во прав (или засладено какао) и 3 лажици печени и мелени лешници. Состојките соединете ги со помала брзина на миксерот.
Плех со димензии 20 см х 35 см добро намастете го на дното и страните, а потоа и набрашнете го, па излејте ја приготвената смеса и израмнете.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25 минути. Врелиот бисквит залијте го со 150 мл чоколадно млеко, па оставете го да се олади.
Во меѓувреме оладениот пудинг измиксајте го, па половина од смесата одвојте ја во посебен сад и додајте 5 лажици темен еурокрем, па соединете со миксер додека да се изедначи.
Во вториот дел додајте 5 лажици бел еурокрем, па исто така, изматете за да се соедини.
Во посебен сад изматете 300 мл слатка павлака додека да добиете шлаг, но не матете предолго за да не стане путерест. Поделете го шлагот, па половина соединете со светлиот крем, а половина со темниот крем.
Светлиот крем рамномерно распоредете го врз оладениот бисквит и израмнете. Врз него распоредете го темниот крем. Одозгора нанесете 200 мл слатка павлака изматена како шлаг. Колачот оставете го во фрижидер да се излади и стегне, најдобро преку ноќ.