Порано тортите се приготвуваа со јајца, млеко, брашно и сè она што било лесно достапно во тоа време, состојки кои денес речиси секогаш ги имаме во кујната. Направете ја оваа „ретро чоколадна торта со ореви“ и уживајте во неодоливиот вкус.

Ова е една од највкусните торти која ја приготвувале нашите баби и мајки кога сакале да ги воодушеват гостите и своите најмили. Ретро тортата и денес е кралица на родендени и други важни прослави, неодолива со својот предобар вкус. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 190 г шеќер, 4,5 лажици врела вода, 4,5 лажици масло, 120 г брашно, 150 г мелени ореви, 1 лажичка прашок за печиво. За карамел крем: 500 мл млеко, 8 лажици остро брашно, 340 г шеќер, 30 г путер, 30-50 г чоколадо.




ПОСТАПКА: Јајцата добро изматете ги со шеќерот додека да згуснат, побелат и да го зголемат својот волумен (10-тина минути со миксер). Потоа постепено и во тенок млаз додајте го маслото, па врелата вода и матете уште малку. Потоа не ви е потребен миксерот.




Просејте го брашното помешано со прашок за печиво, а потоа додајте го во мешавината од течни состојки. Додајте ги и мелените ореви. Мешајте со лажица или шпатула со лесно превртување, за да остане смесата пенлива и воздушеста.




Добиената смеса излејте ја во намастен и набрашнет калап со пречник 20 см (или обложен со хартија) и печете 40 минути во претходно загреана рерна на 180 степени. Испечениот пандишпан извадете го на решетка да лади.




Оладената кора внимателно пресечете ја на три делови со еднаква дебелина (за полесно сечење најпрво обележете, па полека протнете конец за чистење заби, или пак користете долг нoж за сечење). Корите можете и посебно да ги печите (пократко од наведеното), само поделете ја смесата на три еднакви делови.




За крем: Одземете малку од млекото за да го разматите со брашното, а преостанатото ставете го да зоврие, па сварете го како пудинг. Мешајте со жица околу 5 минути додека да се згусне убаво кремот. Може веднаш со миксер да се мати, а може и кога ќе го тргнете садот на страна.




Кога кремот е до половина сварен, во друг сад ставете го шеќерот да се топи на тивок оган. Во растопениот и карамелизиран шеќер постепено додајте го кремот со млекото и сето заедно на тивок оган промешајте го за да се изедначи, а шеќерот целосно да се растопи.




На крај додајте го путерот исечкан на парчиња и чоколадото искршено на коцки, па мешајте додека и тие да се растопат и соединат во смесата. Корите филувајте ги со изладениот карамел-крем и оставете малку за декорација.

Се премачкува целата торта одозгора и од страна, па се декорира по желба. Порано ја декорирале целата торта со мелени и цели плодови од орев. Пред послужување потребно е тортата да излади неколку часа во фрижидер./Сoolinarika.com