Прелиен старински колач – раванија или топеница, многу едноставно и брзо се приготвува со состојки кои веќе ги имате во кујна. Ова е еден од највкусните сочни колачи кој задолжително се приготвува за сите поважни празници, освен во посните.
Рецепт и видео презентација на “Домашен Готвач” – Топеница, старински колач. За овој колач се потребни 10 јајца и се приготвува нешто слично на познатиот кох. Во видеото е прикажано дека јајцата се матат цели заедно со шеќерот, а во некои други рецепти прво се матат белките во цврст снег, а потоа постепено се додаваат жолчките, а сувите состојки се матат на послаба брзина или рачно.
Во тестото за пандишпанот не се содржи прашок за печиво, а освен брашно се става и гриз, така што можеби и нема потреба од посебно матење на белки и жолчки, затоа што гризот не дозволува „растење” на кората. Меѓутоа, кога ќе се испече и прелие со сирупот овој колач е превкусен. Како и да и ги изматите јајцата, нема да погрешите.
Ако сте го јаделе кај вашите баби, сигурно ќе се потсетите на детството… И уште една напомена: сирупот додавајте го постепено, не го ставајте целиот одеднаш зошто можеби ќе нема потреба целата количина да ја ставите. Додавајте го постепено, со кутлача.. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за прва кора): 5 јајца, 5 лажици шеќер, 2,5 лажици брашно, 2,5 лажици гриз, 150 г ореви, 150 г рендано чоколадо или во прав. За вторта кора: 5 јајца, 5 лажици шеќер, 2,5 лажици брашно, 2,5 лажици гриз. За сируп: 600 г шеќер, 650 мл вода. За наросување: мелени/сечкани ореви и рендано чоколадо.
ПОСТАПКА: Во длабок сад за матење пенасто изматете пет јајца со пет лажици шеќер. Матете доволно долго додека шеќерот да се растопи, а потоа додајте 2,5 лажици брашно, 2,5 лажици гриз, 150 г мелени ореви и 150 г рендано чоколадо (или во прав).
Продолжете со матење додека да се изедначат состојките, а потоа смесата излејте ја во намастен и набрашнет плех со димензии 30х22 см или обложен со хартија. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, само 10 минути (потоа ќе се допече заедно со вториот слој), колку да фати кора.
За тоа време изматете го тестото за втората кора: пет јајца со пет лажици изматете со миксер, па додајте 2,5 лажици брашно, 2,5 лажици гриз. Жолтата смеса излејте ја врз запечената темна кора и израмнете. Вратете во рерна да се допече на 180 степени околу половина час.
Печениот колач оставете го малку да излади, а потоа пригответе го шербетот од 600 г шеќер и 650 мл вода. Откако ќе зоврие нека се вари 5 минути. Шербетот оставете го 5 минути да подизлади, па рамномерно прелијте го колачот.
Оставете да се олади и да го впие сирупот, а потоа одозгора наросете го со ореви и чоколадо. Послужете го добро изладен. Може да го декорирате дополнително и со топка сладолед од ванила. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.