ПУСЛИЦА КОЛАЧ СО 3 ЈАБОЛКА и 15 минути работа, нема нешто полесно и повкусно. Рецепт од каналот „Мое Катче“. Колач со 3 јаболка и 3 јајца, уште го нарекуваме пуслица колач бидејќи на сличен начин се подготвува.




Наједноставниот колач кој може да го направите е овој. Досега правев гриз колач со јаболка, а откога дознав за овој пуслица колач, сите се воодушевивме од вкусот и при секоја пригода го подготвувам.




Колачот се состои од жолт бисквит, слој од белки и фил со јаболка. За подготовка на жолтиот бисквитот ќе ви бидат потребни следниве состојки: 3 жолчки, 100 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 50 мл млеко, 100 мл масло, 100 г брашно, половина кесичка прашок за печиво.




Потребни состојки за слојот од белки: 3 белки, 120 г шеќер. За последниот слој – филот со јаболка ќе ви бидат потребни: 3 јаболка, 50 мл путер, сок од 1 лимон и 2 лажици шеќер.




ПОСТАПКА за филот од јаболка: Јаболката добро измијте ги, па излупете ги и исечете ги на тенки листови. Во тава на рингла ставете малку путер и почекајте да се растопи. Кога путерот ќе се загрее, ставете ја јаболката малку да се пропржат, колку да омекнат.




Одозгора прелијте ги сок од 1 лимон и 2 лажици шеќер, па малку промешајте. Кога јаболката малку ќе потемнат и ќе омекнат, тргнете ги настрана и за тоа време подгответе го жолтиот бисквит.




Подготовка на жолтиот бисквит: Во длабок сад додајте ги трите жолчки и 100 г шеќер и изматете со миксер. Потоа додајте го ванилиниот шеќер, млекото и маслото, па повторно изматете, па на крајот додајте го брашното и половина кесичка прашок за печиво. Повторно изматете со миксерот.




Бисквитот е подготвен, а потребно е да го излеете во кружен калап, по можност со флексибилен обрач, во кој претходно сте ставиле малку намастена хартија за печење. Дијаметарот (пречникот) на мојот калап е 24 цм.




Врз бисквитот се нанесуваат омекнатите јаболка. Бисквитот се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 20 минути. Пред крајот на печењето се додава филот од белки.




Подготовка на филот од белки: Во сад изматете 3 белки со 120 г шеќер додека да се формира цврста шлаг / пена. Овој фил се прелива преку колачот и добро се распоредува.




Повторно се враќа во рерна, да се допече на пониска температура, 150 степени, околу 20-тина минути. Потоа, колачот се вади од рерна и се остава добро да излади пред да се послужи. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.