Тортата пуслица, како што и самото име кажува се приготвува со пуслица-кори кои можат да се комбинираат на најразлични начини и со најразлични филови. Оваа торта е во комбинација со чоколаден фил.

Потребни состојки за фил:

10 жолчки
700 мл млеко
7 полни лажици меко брашно
10 лажици шеќер
200 г путер
200 г црно чоколадо
200 мл слатка павлака

Постапка:

Измешајте ги жолчките, шеќерот и брашното, па додадете малку ладно млеко, околу 200 мл. Остатокот од млекото ставете го да на оган, а откако ќе зоврие намалете го огнот, додадете ја смесата со жолчки и мешајте постојано додека да згусне.

Сварениот фил прелијте го врз искршеното чоколадо и промешајте додека тоа да се растопи и соедини со филот. Прекријте со најлон фолија и оставете на страна да се олади.

Путерот на собна температура додадете го во целосно изладениот фил и заедно со миксер изматете ги за да се соединат во мазен крем. Ако додавате маргарин, тогаш прво него изматете го, па потоа во него додавајте го кремот.

Посебно изматете ја слатката павлака во цврст шлаг. Врз првата кора нанесете половина од чоколадниот фил, па половина од шлагот. Повторете ја постапката уште еднаш. Тортата декорирајте ја по желба и оставете ја добро да се излади пред послужување.

Потребни состојки за кори:

10 белки
400 г шеќер
1 лажица оцет

Постапка:

Во еден сад ставете ги белките и започнете со миксање. Постепено додавајте го шеќерот и миксајте околу 10 минути. Снегот од белки мора да биде цврст и шеќерот растопен.

Некаде приближно на една белка се ставаат 40-50 г шеќер, па така на 10 белки додаваме 400 г шеќер што е сосем доволно.

Отако добро ќе ги изматите белките додадете една лажица оцет, па матете уште некоја минута. Помага за белките подобро да се стегнат, а во текот на печењето испарува.

Вклучете ја рерната да се загрева на 150 степени. Големиот плех од рерна 40х30 см обложете го со хартија за печење, а во средината направете преграда од хартија, за подоцна да не мора да ги сечете корите на половина.

Смесата од белки распоредете ја во двете прегради и израмнете. Ставете го плехот во рерна и печете 15 минути на 150 степени. Потоа намалете на 120 степени и печете уште 20 минути. Ако оцените дека е потребно, печете уште некоја минута подолго. Потоа намалете на 100 степени и сушете ја кората уште 1,5-2,5 часа.

Сушените кори извадете ги од рерна и оставете ги да изладат во плехот. Внимателно извадете отстранете ја хартијата од нив бидејќи корите се суви и лесно кршливи.