Ако првиот гостин на Божиќ, наречен “положајник” ги испочитува обичаите, се верува дека семејството преку целата година ќе биде здраво, среќно и радосно. Положајникот е првиот човек кој ќе влезе во вашиот дом на Божиќ. Во дамнешни времиња секогаш се гледало тоа да биде маж и некој кој му посакува добро на вашиот дом.
Меѓутоа, со текот на времето обичаите се промениле, па денес положајник може да биде и жена. Денес тоа е специјален гостин кој е однапред договорен, но може да биде и случаен минувач. Ако минатогодишниот положајник му донел среќа на семејството, тогаш истиот го повикуваат и следната година, да биде првиот гостин во таа куќа.
Но, доколку бил баксуз, тогаш му порачуваат да не доаѓа следната година. Најважно од сè е положајникот да има чиста душа и добри намери. Обичаите на положајникот во христијанската традиција води потекло уште од Мудреците од Истокот, кои водени од ѕвездата стигнале на местото каде што се родил Христот.
Му се поклониле на новороденото детенце и му донеле дарови. Како спомен на нив бил воведен обичај, првиот човек кој ќе влезе во некој дом за Божиќ, а не е член на семејството, да му посака на тој дом добро здравје, среќа и успех. Од друга страна, во науката постои верување дека кул-тот на положајникот влече корења уште од дамнешни времиња.
Односно, од времињата кога се верувало дека положајникот е некој предок кој се вратил во вид на патник – божји гостин, па тоа ги објаснува и големата чест со која положајникот се пречекува. Тогаш се верувало дека претците може да се појават и во вид на некое домашно животно,
Па, тогаш и животните биле пуштани во домот како положајници. Овој обичај во некои краеви бил задржан сè до почетокот на овој век, па така некаде воведувале вол, некаде свиња, а некаде теле. Главно, ова се правилата кои положајникот треба да ги испочитува:
Обичај е положајникот да не пие и не јаде ништо пред да влезе во домот каде што е положајник. Треба да влезе со десната нога во куќата, за да има напредок, а домашните да ги поздрави со зборовите: “Христос се роди, среќен Божик”, а домашните на ова треба да му одговорат: “Ваистина се роди”.
Положајникот потоа приоѓа до огнот, и со машата у-дира по жарот и вели: “Колку искри толку среќа во оваа куќа; Колку искри толку пари во ова домаќинство; Колку искри толку гуски и пилиња, толку прасиња и јагниња, толку овци…А најмногу здравје и радости.
Кога ќе заврши со посакувањето на желби, фрла метално париче во огнот за да има напредок во домот. Потоа домаќинката го нагрнува со кожув или волнена наметка, за “да се фаќа дебел кајмак на млекото како што е дебела и таа наметка”. Положајникот потоа седнува на триножник покрај огнот.
Во моментот кога седнува, домаќинот се обидува да му го извлече столчето за тој да падне и да се прикова на земјата, бидејќи на тој начин и среќата ќе се прикова за таа куќа. На положајникот потоа му се соблака чевелот од десната нога и истиот се закачува за греда. Пред него потоа се изнесува пиење и јадење.