Кога ќе ја пробате оваа пченкарна пита-проја, ќе бидете воодушевени од вкусот и со сигурност ќе си речете „Ова е проја над проите.“ Многу лесен и практичен рецепт кој може да се послужи за појадок, ручек или вечера со чаша јогурт. Рецептот на Валентина е толку совршен што повеќе не би го сменила за ниеден друг. Дома сите го обожаваме.




Пројата се состои од три делови, секој дел е различен, а изгледа многу декоративно. Кога ќе ја пресечете на помали парчиња, делува шарено и интересно. Сѐ што треба да направите е да ја подготвите основната смеса со тврдо сирење, а потоа од неа правите 3 различни филови кои ги излевате еден преку друг. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 јајца, 3 чаши пченкарно брашно, 3 чаши пченично брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 2 лажички сол, 2 чаши масло, 3 чаши газирана вода, 200 г тврдо сирење, 150 -200 г салама, 2 кисели краставички, 300 г ситно сечкан спанаќ, 3 лажици ајвар. Како мерка се користи чаша за кафе од 200 мл.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад скршете ги петте јајца и изматете ги со жица/маталка. Додајте 3 чаши газирана вода (околу 600 мл), па веднаш потоа додајте го маслото (400 мл) и соединете. Потоа започнете да го додавате брашното, прво пченкарното, а потоа пченичното брашно, па постепено мешајте со шпатула по додавање на секоја чаша брашно.




Додајте го прашокот за печиво, солта и соединете во мазна и еднолична смеса. На крајот ставете го сирењето кое претходно треба да биде издpобено. Во зависност од тоа колку е солено сирењето, додајте уште сол по потреба. Количински ќе добиете многу од основната смеса, па затоа треба да ја поделите на три еднакви делови.




Во секој дел е потребно да ставате различни намирници кои потоа ќе ги излеете една врз друга и ќе ги испечете. Намирниците може да ги користите по ваша желба, а како предлог може да ги користите и следните состојки, како во рецептот на Валентина.




За првиот дел, ќе ви биде потребно да исечкате ситно сечкана салама и кисели краставички, па да ги соедините во основната смеса. За вториот дел, измешајте ситно сечкан спанаќ, а во третиот дел измешајте 3 лажици домашен ајвар. Подгответе еден плех со димензии 25х35 см и обложете го со хартија за печење, па намастете ја хартијата одозгора.




Излејте една од смесите, која сакате, јас прво ја излеав смесата со спанаќ. Фино распоредете по должина на целиот плех, па ставете во претходно загреана рерна на 200 степени, да се испече 5-7 минути, колку да фати коричка. Потоа, одозгора излејте ја втората смеса, подеднакво распоредете, па печете ја на истиот начин. За втор слој ја одбрав смесата со салама и кисели краставички.




На крајот се излева третата смеса со ајвар, се израмнува и се става на печење. Температурата на рерната намалете ја на 180 степени и допечете ја пројата уште 25-30 минути, со повремено проверување. По печењето, пројата се остава да се излади, па се сече на мали коцки. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.