Во почетокот не верував, но сеедно, одлучив да пробам. Мора да ви кажам дека направив одличен, многу вкусен сок.
Како што велат моите деца, како од продавница. Но она што е поинаку е тоа што сите состојки се природни, а сите знаеме што содржат купечките напитоци.
Многу е важно тоа што сè мора да се прави според рецептот. Нема да имате отпад, зошто од остатоците од портокалот можете да направите вкусен џем.
За приготвување на овој сок треба да одвоите околу еден час.
Потребни состојки:
4 портокали
1 кг шеќер
30 г лимонтос (лимонска киселина)
9 литри вода
Постапка:
Портокалите измијте ги добро и прелијте ги со врела вода за да се отстрани горчливиот вкус. Избришете ги и ставете ги во замрзнувач околу час-два.
Извадете ги од замрзнувачот, исечете и сомелете во машина за мелење месо.
Смесата прелијте ја со 3 литри вода (филтрирана или провриена па изладена). Оставете 10-тина минути.
Процедете низ цедалка.
Во прецедениот сок додадете 6 литри вода, шеќер и лимонтос. Добро промешајте додека да се стопи шеќерот, а можете да го оставите еден час па самиот да се раствори.
Складирајте во стаклени шишиња или тегли. Вашиот сок е готов за употреба.
Бидејќи лимонтосот е природен конзерванс, сокот можете да го чувате во фрижидер 10-тина дена.
Секако, количината на сокот можете да ја прилагодите на своите потреби, така што ќе ги намалите или зголемите состојките.
Но, тоа не е сè. Пулпата од портокалот можете да ја искористите и да сварите вкусен џем.
Во тенџере ставете ја пулпата, додадете шеќер по вкус, малку лимонтос и варете 5-10 минути. Ќе добиете вкусен џем од портокал.