Денес Предграг е здрав и им помага на другите луѓе кои поминуваат низ истото што го поминал и тој самиот.

-Лекарите имаат знаење за леукемијата, но јас ЈА познавам – вели Слијепчевиќ. Оваа болест на крвта и коскената с’рж се смета за архинепријател, но вели дека леукемијата не му може ништо.

-Ако повторно ми се врати, ќе ја победам – истакнува овој храбар човек кој покрај леукемијата имал и два инфаркти, а добил и дијабетес. Боледувал од акутна миеломонобластна леукемија. Лекарите, како што тој вели, неколкупати го отпишале.

-Кога ќе видат дека дошол крајот, докторите му велат на семејството да се прости од болниот, да поминува повеќе време со пациентот. На мојата сопруга ова неколкупати и’ го кажаа – истакнува Предраг.

Тој се до 2008 година имал “обичен” живот. Работел, заработувал, сакал да ги обезбеди синовите.

-Еден ден одеднаш ми стана многу лошо. Си дојдов дома и сопругата ме натера да одам да извадам крв. Кога стигнаа резултатите, ме повикаа од Клиничкиот центар во Србија, па повторно ми зедоа крв за анализа. Попладнето истиот ден отидов во Ургентниот центар и тогаш сè започна – се сеќава Слијепчевиќ. Било втората половина на јуни 2008 година.

-Останав во болница и три дена не знаев што ми е. Сопругата претпоставуваше, ама еден пријател ја убеди дека не е тоа од што таа стравува – раскажува тој. Во собата за хематологија во Белград, Предраг имал двајца цимери, но не знаел ни тие од што боледуваат.

-Тоа утро дојде група лекари. Застануваа покрај секој кревет и збореа нешто на латински, па нè прашуваа секој од нас како се чувствуваме и продолжуваа понатаму. Кога поминаа покрај мене, ништо не ми рекоа. Отидоа кај третиот кревет и разговараа со третиот пациент – се сеќава Предраг на тој претпоследен петок во јуни 2008 и продолжува:

-Дојде и една лекарка за која претпоставував дека е главна, па ме праша дали имам брат или сестра. Тогаш се шокирав, што по ѓаволите имаат моите брат или сестра со мојата болест?! Претходната ноќ слушнав дека црниот дроб и слезината ми биле зголемени на девет, односно дванаесет центиметри. Мислев дека тоа е тоа, дека со нив нешто не е во ред и дека ќе ми дадат лекови. Немав време за да бидам болен, ме чекаше работата. Реков дека имам и брат и сестра, а докторката ми одговори:

-Одлично! – и продолжи да оди накај излезот. –Докторка, сега ме исплашивте – рекол Предраг, а таа се свртела и му одговорила: – Зошто? – Ве прашав каква врска имаат мојот брат и сестра со мојата болест. Таа ми рече: – Поради трансплантација. Тогаш доживеав двоен шок.

-Каква трансплантација? – зацвилев. – Затоа што имате леукемија – Ми дофрли таа излегувајќи од собата. Ете, така дознав од што боледувам. Лекарите потоа сите излегоа.

-Тие си заминаа, а јас останав во шок. Тогаш мислите полека почнаа да ми се враќаат. Дедото покрај мене со смирен тон, многу опуштено почна да ме смирува дека не мора да е толку страшно. Тој малку ме смири – се сеќава Предраг.

Првиот чекор му бил да оди по кафе до автоматот, а вториот чекор, да излезе надвор, да запали цигара и да најде место на кое нема никој да го види, и да – плаче.

-Тоа беше моментот да се исплачам ако ми се плаче и да завршам со тоа, се сеќава Предраг. Направил сè како што мислел дека треба, ама солзи немало. Во саботата навечер почнале да му даваат лекови. Кога стигнале конечните резултати, Предраг и неговата сопруга седнале со лекарката која тогаш го лекувала. Бил сигурен дека ќе умре.

Неговиот дедо на 76 години заболел од леукемија и не успеал да се избори со болеста. Предраг мислел дека и нему истото ќе му се случи, но во разговорот со докторката сфатил дека сепак постои шанса.

-Штом така стојат работите – си реков себеси – што треба да се случи, ќе се случи, но мое е да не се предавам.

Бидејќи Предраг преживеал четири леукемии, тој себеси се смета за експерт по оваа болест. Првата терапија, кога првпат му била дијагностицирана леукемијата, целото лекување и моментот кога болеста му се вратила – му биле најтешките периоди.

-Кога првиот пат ми се врати болеста, јас се онесвестив. Тој очај не можам да ви го опишам. Ништо потешко не ми се случило во животот од тој момент. Едноставно се распаднав. Паднав физички во несвест. Знаев што ме чека, а тоа е моментот кога секој пациент го повторува истото – дека нема повеќе сили за да се бори.

Секојпат кога ќе се излекувал, од болницата излегувал со високо подигнати раце. Она што Слијепчевиќ го нагласува е дека покрај силните цитостатици кои се примаат во текот на терапијата, не смее да се додава било каква суплементација.

-Тоа може да биде смртоносно – истакнува Предраг и додава: – Помеѓу терапиите може да се зема аронија и евентуално рибино масло. Тука мора да бидете стриктни. Дури кога завршив со терапиите и кога помина најлошото, започнав да пијам чај од корен од глуварче за чистење на организмот. Сурутка препорачуваат и лекарите за чистење на црниот дроб и редовно ја консумирам.

Исхраната не ја променив драстично, јадам сè во умерени количини. На ослабениот организам многу му се важни протеините и мастите и затоа често јадам сланина.

Апел за донирање на тромбоцити

Предраг денес им помага на пациенти и на нивните семејства преку здружението “Leuka”. Со оглед на тоа дека тромбоцитите се основните кои заболените од леукемија ги одржуваат во живот и не постои замена за нив, ги замолуваме сите хумани луѓе кои сакаат, а исполнуваат услови за донација на тромбоцити, да му се јават на Предраг Слијепќевиќ на српскиот тел.број 063 304138. Само малку добра волја може да спаси нечиј живот!