Ова е еден одличен рецепт на Верица Николиќ и доколку се подготвувате да направите погача, запишете си го рецептот. Погачата е прекрасно мека, голема и многу вкусна. Количината на состојки е за поголеми собири, за домашни услови намалете ја количината на состојки на половина или според потребите…

Рецепт и фотографија на Верица Николиќ

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

1,5 кг брашно Т-500
200 мл млеко
1 коцка свеж квасец
1 лажица шеќер
1 лажица сол
200 мл јогурт
1 белка од јајце
50 мл масло + 3 лажици масло
600 мл топла вода

За премачкување на тестото:

100 г омекнат путер

За премачкување на погачата:

1 жолчка од јајце
4 лажици млеко

Рецепт и фотографија на Верица Николиќ

Подготовка:

1. Квасецот издробете го во топло млеко со додавање на една лажичка шеќер (земено од 1 лажица), измешајте и оставете го квасецот да се активира. Во сад за матење ставете го брашното, додајте го остатокот од шеќерот и солта и измешајте.

Направете бунар во средината на брашното и додајте јогурт, белка, 50 мл масло и топла вода. Замесете тесто. Кога добро ќе се соединат сите состојки, полијте го тестото со 3 лажици масло и продолжете со месење додека тоа да ја впие целата маснотија.

Тестото обликувајте го во топка и оставете го во садот. Покријте го тестото со проѕирна фолија и кујнска крпа и оставете го да ферментира 20 минути на топло. Потоа, малку размесете го, покријте го и оставете го повторно да одмори уште 20 минути.

3. Тепсија со дојаметар од 34 сантиметри обложете ја со хартија за печење и оставете ја на страна. Кога тестото ќе нарасне по втор пат, префрлете го на набрашнета работна површина (само превртете го садот и тестото ќе испадне).

Тестото поделете го на три еднакви делови и од сите три дела формирајте топка. Веднаш земете го првиот дел од тестото и развлечете го во кора со правоаголна форма со дебелина од 0,5 см.

Премачкајте го со една третина од омекнатиот путер. Свиткајте го тестото во ролат и со прстите спојте го со, „штипкање“ долниот дел од кората за да спои ролатот.

Превртете го ролатот така што рабовите на тестото да бидат свртени надолу и исечете го на парчиња широки 2 см.

Редете ги парчињата покрај ѕидот на тепсијата, во круг, но така што секое наредно парче да лежи врз половина од тестото на претходниот круг (слично како за „ѓеврек“ погачата).

Постапката повторете ја и со вториот дел од тестото, само што сега ќе ги исечете краевите на кората и ќе ги оставите на страна (од нив ќе обликувате топче за средината), а со ролатот постапете исто како и со првиот дел од тестото.

На крајот се зема третиот дел од тестото кое исто така се развива во правоаголна форма со дебелина од 0,5 см.

Рецепт и фотографија на Верица Николиќ

Половина од развиената кора премачкајте ја со остатокот од путерот и спротивната страна исечете ја на ленти широки 1 см, но не до крај, работ од тестото останува неисечен.

Свиткајте го ролатот почнувајќи од несечениот дел. Префрлете го во центарот на тепсијата и формирајте круг-прстен. Во средината на кругот вметнете ги двата исечени краја кои претходно ги одвоивте и ставете ги еден врз друг. Покријте ја погачата со кујнска крпа и оставете ја да нарасне 20 минути.

Рецепт и фотографија на Верица Николиќ

4. Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени. Стасаната погача премачкајте ја со смеса од жолчка и млеко и печете на 200 степени првите 15 минути, а потоа намалете ја температурата на 180 степени и продолжете со печењето уште 15 минути (тестирајте со чепкалка за заби да видите дали е испечена).

Испечената погача завиткајте ја во чаршав или голема крпа (бидејќи е прилично голема) и оставете ја на решетка да се излади. Рецепт и фотографии на Верица Николиќ.

Рецепт и фотографија на Верица Николиќ