Сите дома сме многу по благото и отсекогаш спремам разновидни колачи или торти за десерт после ручекот. А да не зборувам, кога ќе дојдат гости, тогаш најчесто правам по две-три торти. Љубителите на благото, особено на чоколадото ќе ме сфатат на што мислам. Случајно го пронајдов овој рецепт кој ми го „намами“ вниманието и одлучив да си го запишам.
Толку многу ми се допадна уште од првото видување што бев сигурна дека ќе го обожаваме и јас и моето семејство. Откога го подготвувам ова домашно чоколадо, дома не сме купиле ниедно друго, како млечно, со вкус на јагода, бисквити итн. Ова е рецепт од соништата за сите што сакаат чоколадо.
Нутритивен колач кој содржи само 107 калории и ќе ви обезбеди енергија во текот на целиот ден. Ќе се з aдоволите од благото, а притоа нема да чyвствувате вина, доколку сте на диета или само внимавате на калориите. За да го направите потребни ви се само неколку состојки.
Колачот потсетува на скапите чоколади со цели парчиња јатки или суво овошје кои се продаваат во доброснабдените продавници за слатки. Иако се подготвува од црно чоколадо кое самото по себе е одличен извор на антиоксиданти, во комбинација со вашите омилени јатки ќе направите совршенство со сопствени раце.
Овој рецепт е идеален за сите оние кои сакаат да се хранат здраво, а истовремено сакаат да се засладат со нешто квалитетно и добро за нивниот организам. Не содржи бел шеќер, а како засладувач се употребува мала количина јаворов сируп или мед (најдобро да користите висококвалитетно црно чоколадо со низок % на шеќер или наменето за дијабетичари). Еве што друго ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г црно чоколадо (1 пакување), 1/2 шолја бадеми (100 г), 1/2 шолја непечени кикирики (100 г), 1 голема лажица јаворов сируп (може да се замени и со мед), прстофат сол. Овој рецепт за домашно чоколадо содржи 107 калории, 7.6 грама масти, 9.2 грама јаглени хидрати и 3 грама протеин.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете ги кикириките и излупените бадеми, прелијте со јаворовиот сируп или мед, промешајте, па наросете со малку сол. Испечете ги во конвекциона печка (Аir fryer) или во обична рерна. Доколку печете во рерна во плех обложен со хартија, внимавајте на температурата и времетраењето.
Печете ги во претходно загреана рерна на 170 степени, 10-тина минути. Поради јаворовиот сируп, јатките ќе бидат лепливи и потемни од вообичаеното. Овој чекор може да го прескокнете и едноставно само да ги истостирате во сува тава. По печењето, ако отстојат 20-тина минути, почнуваат да се сушат и стануваат многу вкусни и крцкави. Потоа земете го чоколадото и скршете го на коцки.
Важно е да користите висококвалитетно темно чоколадо бидејќи најмогу се одразува на вкусот на целиот десерт. Стопете го чоколадото на пареа во еден сад. Исто така може да го растопите во микробранова печка, со мешање на секои десетина секунди. Издвојте малку од јатките за декорација, а остатокот соединете го со растопеното чоколадо и добро измешајте.
Кога сѐ ќе се комбинира и јатките ќе се натопат во чоколадото излејте ја смесата во плех, обложен со хартија за печење, со средна големина и добро израмнете. Чоколадото не треба да биде многу тенко. Одозгора ставете ги претходно издвоените јатки.
Ставете го чоколадото да се стегне во фрижидер неколку часа или во замрзнувач 30 минути. По желба во чоколадото може да додадете и малку сува брусница или суво грозје, рендана или кандирана кора од портокал, оризови снегулки, луто пиперче во прав и сл.
Кога еднаш ќе го направите, ќе испробувате постојано нови вкусови. Чоколадото има рок на траење до неколку месеци, ако се чува во фрижидер. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.