Постојат различни видови на посни, славски колачи. Обично основата на секој од овие колачи е бисквит засладен со шеќер, мед, џем или чоколадо и омекнат со маргарин.
Во продолжение може да ги прочитате најдобрите три рецепти за посни колачи кои се воедно и најбарани на празничната трпеза. Првиот е посен триаголник со желе бонбони, вториот е посен ролат, а третиот посна бајадера со алва. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 150 г посен маргарин, 150 г шеќер во прав, 100 г мелени ореви, 100 г посен мелен бисквит, 2 мали лажици рум, 100 г посно чоколадо, 100 г зелени желе бонбони (може и друга боја, но зелената најмногу одговара).
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 250 г маргарин, 250 г шеќер во прав, 250 г мелен бисквит, сок и кора од 1 лимон, 1 кесичка ванилин шеќер, 250 г желе бонбони.
ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо за готвење, 3 лажици масло.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ТРЕТ РЕЦЕПТ): 750 г посен бисквит, 150 мл вода, 300 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, сок од 2 лимони, 200 г сусам, 200 г посно темно чоколадо, 450 г мелена алва, 300 г маргарин.
ЗА ГЛАЗУРА: 200 г посно темно чоколадо, 100 г маргарин, малку вода.
ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Маргаринот се мати со шеќерот во прав, па се додаваат мелените ореви, мелените бисквити и румот. Смесата убаво се замесува со раце, па се дели на два еднакви делови. Во едниот дел се меша растопената чоколада.
Еден триаголен калап покријте го со фолија, па страните на триаголникот пополнете ги со ширина од околу 1 см од чоколадната смеса.
Од страните наредете ги желе бонбоните исечени на половина, а останатиот дел наполнете го со белата маса и израмнете. Покријте со фолија и оставете го на ладно да се стегне…
Можете и полесно, ставете една смеса на дното, па ставете желе бонбони, па одозгора и другата смеса.
ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Маргаринот се мати со шеќерот во прав. Потоа додајте мелен бисквит, ванилин шеќер и кора од лимон.
Постепено додавајте сок од лимон и месете додека да се добие не премногу тврда смеса. По потреба може да се додаде и малку бело вино (или сок) за да се добие саканата цврстина.
На крајот додајте ги сечканите желе бонбони и убаво измешајте. Еден лист алуминиумска фолија премачкајте со масло, прелијте со подготвената смеса и формирајте ролат, па ставете во фрижидер да се стегне, минимум 2 часа.
Чоколадото и маслото растопете ги на пареа и прелијте врз ролатот. Кога глазурата ќе се стегне, ролатот исечкајте го на прстени.
ПОСТАПКА (ТРЕТ РЕЦЕПТ): Сусамот се пржи во тава (без масло) до златножолта боја. Потоа сомелете го ситно и измешајте го со мелените бисквити и алва.
Сварете ја водата со шеќерот во сируп, тргнете од оган и додајте ванилин шеќер, сок од лимон и маргарин.
Мешајте додека да се растопи и соедини. Потоа прелијте ја смесата од бисквити, алва и сусам – соединете сè и поделете ја смесата. Чоколадото растопете го на пареа и измешајте го во еден дел од смесата.
На четвртаст плех прво распоредете го црниот дел со влажни раце, па белиот дел, прелијте го со чоколадна глазура. Чоколадна глазура: растопете чоколадо со маргарин и малку вода. Најдобро е бајадерата да се остави преку ноќ да се стегне. / Сооlinarika.сom