Еве го рецептот за посните сникерс коцки кој многумина ги сакаат. Се приготвуваат од многу малку состојки, едноставен и евтин рецепт. За глазура употребете растопено чоколадо, а може и комбинација со растопени карамел бонбони. Декорирајте по желба и уживајте во секој залак. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 300 г шеќер, 250 мл вода, 125 г маргарин посен, 100 г црно чоколадо посно, 400 г кекси посни, 300 г несолени кикирики потпечени. ЗА ГЛАЗУРА: 150 г црно чоколадо посно, 2 лажици масло.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 200 г урми без семка, 2-3 супени лажици путер од кикирики, прстофат сол, 100 г овесни снегулки (јас користев мелени), 60-80 г печени кикирики, може да користите и солени. И уште 120 г темно чоколадо за готвење, 1-2 лажички масло и вода по потреба.




ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Растопете 300 г шеќер во 250 мл вода, па откако ќе започне да врие намалете ја температурата. Мешајте убаво да се растопи и карамелизира, па додајте го маргаринот. Промешајте ја смесата убаво да се растопи маргаринот, па додајте 100 г црно, квалитетно чоколадо искршено на коцки. Мешајте уште некоја минута додека да се растопи и соедини.




Добиената смеса тргнете ја од оган и додајте ги искршените посни кекси. Доколку садот ви е мал, тогаш најдобро е кексите да ги искршите во некој поголем сад, па да ги прелиете со чоколадната смеса. Додајте ги и сечканите кикирики (потпечени и изладени лесно се сечкаат врз даска со голем остар нож или измиксајте ги кратко во блендер или ставете ги во кеса, па со чекан yдрете неколку пати за да се искршат).




Мал дел од кикириките оставете за декорација, за наросување одозгора. Смесата излејте ја во помала тепсија претходно малку намастена или обложена со проѕирна фолија за полесно да се извади колачот. Рамномерно распоредете и израмнете. ЗА ГЛАЗУРА: Растопете го остатокот од чоколадото (150 г) со 2 лажици масло, на тивок оган/пареа или во микробранова печка, па прелијте го преку колачот.




Одозгора наросете сечкани кикирики, сечкани карамел бонбони или по ваш избор. Колачот оставете го во фрижидер неколку часови да се стегне. Сечете на коцки и послужете.

ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Пресечете ги урмите на половина и извадете ја семката  Ставете ги во сад и прелијте ги со вода. Оставете ги да отстојат 2-4 минути, па исцедете ја водата и префрлете ги во блендер, со додавање на 2-3 супени лажици путер од кикирики и прстофат сол.




Смесата се блендира додека да се соединат сите состојки, а конзистентноста треба да биде многу тенка. Дел од смесата (помалку од половина) се трга настрана, а 3/4 остануваат во блендерот. Во блендерот се додаваат 100 г овесни снегулки.




Добро би било ако најдете мелени овесни снегулки, за смесата што повеќе да се соедини, а доколку не најдете, можете и дома да ги сомелете. Повторно се блендира сè додека смесата да изгледа на влажен песок, треба да биде многу мека.

Потоа се става на работна површина обложена со хартија за печење, а одозгора се става уште една хартија и малку се сплескува со помош на раце. Со помош на оклагија, смесата се развлекува во форма на правоаголник.




По развлекувањето, се трга горната хартија и со голем н ож или некоја друга рамна алатка се измазнуваат краевите. Одозгора се премачкува со смесата од путер од кикирики и урми која претходно ја тргнавте настрана.

Смесата добро се распоредува и убаво се измазнува, и потоа одозгора се редат печените кикирики. Можете да користите несолени-печени, или по ваш вкус, и наредете ги одозгора. Колачот се става во фрижидер да отстои 30 – 40 минути пред да се продолжи со постапката.

Во меѓувреме, се топи темното чоколадо за готвење заедно со маслото на пареа, а по стврднувањето на колачот се сечат правоаголници, мене ми излегоа по 4 долги правоаголници. Секој правоаголник се превртува со кикириките одоздола и долната страна се премачкува со растопеното чоколадо.

Повторно колачињата се ставаат во фрижидер малку да се стврдне чоколадото, а потоа повторно се вадат и се вртат со кикириките одозгора, па се премачкуваат цели со топеното чоколадо.

За последен пат, се враќаат во фрижидер колку да се стврдне чоколадото, а потоа се сечат на коцки, од секој правоаголник излегуваат 1-2 коцки, па се послужуваат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.