Посни ситни колачи со суво овошје, чоколадо и кикирики се одличен предлог за празнична трпеза. Задолжително пробајте го! Прикажано е како можете да ги декорирате за да изгледаат од првокласна слаткарница, но ако ги правите за секој ден, тој чекор можете и да го прескокнете.

Наближува Свети Никола, и бидејќи во тек е Божиќниот пост, трпезата треба да биде посна. Денеска ви пренесуваме одличен рецепт за посни колачиња со суво овошје и чоколадо кои лесно се подготвуваат.

Овие ситни колачи не се печат, па во последен момент се вистински спас, а повеќето состојки можете да ги купите за малку пари. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

60 г брусница
80 г суви кајсии
70 г урми
130 г печени кикиритки (несолени)
100 г печени лешници
1 лажица мед
160 г посно бело чоколадо
3,5 лажици масло
210 г посно чоколадо

ПОСТАПКА:

Брусниците, сувите кајсии и урмите потопете ги во ладна вода 15 минути, а кикириките и лешниците убаво изблендирајте ги, да добиете „брашно“.

Потоа исцедете го сувото овошје, па исто така изблендирајте го, а смесата измешајте ја со мелените кикирики и лешниците.

Добро измесете за да добиете компактно „тесто“, а пред крајот додајте мед и домесете. Ставете големо парче хартија за печење врз работна површина, па тука ставете го тестото и покријте го со парче проѕирна фолија.

Притиснете го прво со дланките за да се развлече, а потоа и со оклагија. Формирајте правоаголник со големина на калапот (17х25 см) кој ќе го користите. Потоа префрлете сè сосе хартијата за печење, внатре во калапот и уште малку со дланките израмнете преку фолијата.

Потоа извадете ја фолијата. На пареа растопете ја белата чоколада (130 г), а потоа додајте една лажица масло и измешајте. Прелијте и измазнете со протресување и потчукнување на калапот, па ставете во замрзнувач 20 минути.

Растопете го црното чоколадото (210 г) со 2 лажици масло, па превртете го колачот и прелијте го со глазурата.

Потоа растопете 30 г бело чоколадо со 1/2 лажица масло и истурете во кеса и исечете го горниот дел.

Исцедете ја белата глазура во форма на точки кои ќе ги поврзете со чепкалка за заби во линија за да добиете оригинални шари. Посните колачи ставете ги во фрижидер или замрзнувач додека да се стврднат. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.