Home Рецепти Посни погачици “АЛА ВЕДНАШ ГОТОВИ” за вкусен појадок или вечера

Посни погачици “АЛА ВЕДНАШ ГОТОВИ” за вкусен појадок или вечера

Многу вкусни погачици кои се печат во рерна без дополнителни маснотии.

Потребни состојки: 250 г испасиран варен компир, 250 г посен маргарин, 400 г брашно, 20 г квасец, 3 лажици ајвар, ½ китка магдонос, малку шеќер, 1 лажичка сол. По вкус може да додадете и малку ситно сечкани перца од млад кромид или праз, или нешто по вкус.

Постапка: Излупете го компирот, исечете го на крупни коцки и ставете го да се вари во тенџере со посолена вода. Квасецот издробете го во чаша заедно со малку шеќер и малку млака вода. Може да додадете и лажичка брашно. Измешајте убаво за да се растопи шеќерот.

вака изматениот квасец оставете го на топло место околу 10-тина минути за да се активира и запени. Маргаринот пенасто изматете го со електричен миксер, додадете сол, ајвар и сечкан магдонос. Продолжете да матите додека да добиете изедначена смеса.

Додадете го испасираниот компир и активираниот квасец. Матете доколку имате продолжетоци на миксерот за тесто или продолжете го месењето рачно. Замесете компактно тесто кое не се лепи и од него развлечете кора со оклагија, со дебелина од 2 см.

Сечете погачици со чаша и редете ги во плех обложен со хартија за печење. Секоја погачица премачкајте ја со малку ајвар. Оставете ги погачиците да стасуваат покриени околу 15-тина минути колку малку да нараснат и да станат воздушести, а потоа ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени додека да заруменат.