Насловна фотографија на нашата драга членка Елица Павлоска од групата НМД – рецепти: посни ПИВАРКИ. Ова се највкусните посни колачи, многу едноставни, а пивото им дава ровкост и фина арома… Се приготвуваат многу лесно и не можете да ги погрешите.
Потребни состојки: 1 шолја од 200 мл пиво, 2 шолји масло, брашно по потреба (околу 500-600г), 1 прашок за печиво
За сируп: 2 шолји (250 мл) шеќер, 1 шолја вода, малку лимонов сок, мармалад, ореви или бадеми. За валкање: 150 г кокос или мелени ореви
Постапка: малку брашно ставете на дното од садот. Ставете пиво, масло и малку промешајте со дрвена лажица, па додајте го прашокот за печиво. Додајте уште брашно и мешајте додека да добиете средно меко тесто. Нека отстои 15 минути, па развлечете кора и со тркалезен калап вадете кругови од тестото.
На секоја пиварка ставете малку мармалад и некоја јатка од орев или бадем, лешник… па затворете од сите страни. Наредете ги колачите во плех обложен со хартија за печење (или намастен). Се печат во загреана рерна на 200 степени, не премногу долго.
Додека се печат пиварките, на страна ставете вода и шеќер да зовријат, па откако ќе се растопи шеќерот, по 2-3 минути тргнете го и тенџерето од рингла. Печените колачи додека сè уште се топли (но не и врели) ставајте ги во сирупот, завртете ги од едната, па од другата страна. Вадејќи ги од сирупот веднаш валкајте ги во кокос или мелени ореви.
II РЕЦЕПТ Колачи со пиво – ПИВАРКИ – едноставен колач со преубав вкус, колку подолго стои, толку е повкусен. Едноставен колач со предобар вкус. Колку подолго стои, толку е повкусен.
Потребни состојки: 550 г брашно, 1 прашок за печиво, 1 лажица шеќер, на врв од лажичката сол, 200 мл масло, 200 мл пиво и малку ореви
За прелив: 1,5 чаша шеќер (300 г), 1,5 чаша вода (300 мл), 1 ванилин шеќер, малку лимон и 100 г мелени ореви за наросување
Постапка: Во еден подлабок сад ставете 550 г брашно, 1 прашок за печиво, 1 лажица шеќер и прстофат сол. Промешајте да се изедначат состојките. Во мешавината од суви состојки додајте 1 чаша (200 мл) масло и 1 чаша пиво. Мешајте со лажица додека да добиете убаво тесто, а потоа продолжете да месите со рака.
Тестото не треба да биде ниту премногу меко, ниту премногу тврдо. Од тестото откинувајте парчиња со величина на орев, формијте топче, сплескувајте го со дланките, во средина ставете оревче и повторно формирајте топче или колаче во вид на ружичка.
Вака формираните колачи редете го во плех обложен со хартија за печење. Ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени, приближно околу 20 минути. Додека се печат колачите, пригответе го сирупот: на оган ставете 1,5 чаша (300 г) шеќер, 1,5 чаша (300 мл) вода и еден ванилин шеќер.
Кога ќе зоврие сирупот оставете го да се вари уште 5-6 минути. Исклучете ја ринглата и додајте неколку тркалца исечен лимон. И колачот и сирупот треба да бидат врели. Извадете го колачот од рерна и оставете го 3-4 минути да подизлади.
Потоа секое колаче ставајте го во сирупот 20-тина секунди од едната и уште 20-тина секунди од другата страна. Натопените колачи веднаш валкајте ги во мелени ореви или во кокосово брашно, по желба. Овие колачи можете веднаш да ги послужите, но со стоење стануваат уште поровки.
III РЕЦЕПТ Посни пиварки валкани во кокос – се топат во уста, брз рецепт, мерки на чаша / Фотографија и рецепт на Beti Josi (Klara boss) – ПИВАРКИ.
Уживајте во прекрасните посни пиварки приготвени според рецептот на нашата драга пријателка Beti Josi. Како и сите други нејзини рецепти, така и овој, е едноставен и брз, но со неодолив вкус.
Потребни состојки: 2,5 чаши (од 200 мл) масло, 2 чаши пиво, 500 г брашно, 1 прашок за пециво, 100 г крупно мелени ореви или потпечени лешници, или мешано по половина од секое. За шербет: 800 мл вода и 650 г шеќер
Постапка: во сад за месење измешајте ги пивото и маслото и додадете го прашокот за печиво. Додадете го потоа брашното и соединате ги состојките. На крај додадете ги крупно мелените ореви или лешници, или мешавина од двете и уште еднаш убаво замесете со рака, да добиете фино, мазно тесто.
Развлечете кора од тестото со дебелина 4 мм и со калапче вадете форми. Пиварките редете ги во плех обложен со хартија. Печете ги во загреана рерна на 190 степени околу 10 минути, не смеат да се препечат. Внимавајте да останат бели, така шербетот полесно ќе се впие.
Свaрете го шербетот: Водата и шеќерот ставете ги во тенџере на оган и оставете да врие 5 минути. Потоа печените колачи прелијте ги со топлиот шербет. Повремено превртувајте ги. На крај, извалајте ги во кокос.
*Ако не пречи што во составот има пиво (при печењето испарува), тогаш овие колачи би можеле да се вбројат во посни и како такви, во добро затворена кутија можат да се чуваат повеќе денови. / Фотографија и рецепт на Beti Josi (Klara boss)