Неодамна налетав на овој рецепт кој ме потсети на мирисот од детството. Кога бевме мали, навистина овие ќофтиња – „полпети“ ги јадевме многу често, а сега, откако ги направив, како повторно да ги чувствувам мирисите на тие дамнешни денови… Пробајте ги и вие, ова е многу вкусно јадење и одличен начин да се искористи рибата која ви останала од ручекот.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 филети ослич или каква било друга риба, 500 г компир, 2-3 лажици маслиново масло, по желба неколку чешниња лук, по желба околу една рака свежо сечкан магдонос, со и црн пипер по вкус




ПОСТАПКА: Рибата е претходно подготвена, па сега само е потребно да ја исчистите од коските и да ја иситнете на поситни парчиња. Компирот измијте го со ладна вода, излупете го и исечете го на коцки, посолете го и ставете го да се вари.




Прекријте го со малку вода, а по потреба додавајте во текот на варењето, но бидејќи е исечен на коцки, релативно брзо ќе свари додека сè уште вода во тенџерето. За тоа време, доколку осличнот не ви е зготвен, тогаш пропржете го во тава, настрана.




Сварениот компир процедете го, па додајте му маслиново масло и по желба ситно сечкан лук и магдонос. Јас ги сакам лукот и магдоносот, па ставам доста во ова,како и во други јадења. Потоа сето убаво измиксајте го за да добиете смеса како пире.




Во измиксаниот компир додајте ги иситнетите парчиња риба, посолете, запиперете и ако сакате додајте уште некој зачин по вкус, па ако сакате додајте уште малку лук и магдонос како мене. Јас навистина го сакам нивниот вкус, особено во комбинација со риба – фантастичен вкус!




Сето измешајте го со лажица додека да се изедначат сите состојки и да си попримат од вкусовите. Смесата е густа, но сепак малку леплива, па затоа потребно е да ги натопите дланките додека ги правите ќофтињата.




Црпете од смесата, формирајте топчиња, а потоа малку сплескувајте ги и редете ги врз чинија или фолија. Потоа треба да се похуваат во брашно помешано со лебни трошки, а доколку не постите, похувајте ги на вообичаен начин: брашно, јајца, лебни трошки (презла).




Пржете го во умерено загреано масло, по неколку минути само колку да заруменат, бидејќи сè во смесата е веќе зготвено. исто така, ќофтињата можете да ги редите во плех обложен со хартија и малку намастен, а со кујнска четка да ги намачкате со малку масло. Во рерна се печат на 200 степени, исто така кратко време, колку малку да заруменат.




Овој рецепт за мене навистина е генијален, особено кога ќе се случи да остане една-две риби од скара, или за Свети Никола или од некој ручек, па тогаш ја чистам рибата од коски, варам компир и сè останато според рецептот, па добивам ново, совршено јадење.