Здраво пријатели, на ваше барање денес ќе направиме една посна кремаста торта која се надевам дека ќе ви се допадне. Лесно и едноставно се приготвува, а нема да ви одземе многу време. Според истиот рецепт можете да приготвувате торти со различен вкус, во зависност од вашата желба. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 160 г пудинг со вкус на ванила, 10 лажици шеќер, 1 литар вода (или сок или соино млеко), екстракт од ванила, 250 г посен маргарин, 200 г шеќер во прав, 3 кесички посен шлаг (150 г), 300 мл газирана вода, 200 г мелени ореви, 100-200 г рендана какао крем табла. ЗА ОСНОВА: 300 г мелени посни кекси, 100 г маргарин, 100 мл сок
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете 160 г пудинг од ванила (4 кесички од 40 г), додајте 10 лажици шеќер и околу 200 мл вода или некое растително млеко (соино, бадемово), па промешајте додека да се соединат состојките и да добиете изедначена смеса без грутчиња.
Остатокот од водата (800 мл) ставете ја во тенџере на оган да се загрее. Штом зоврие водата малку намалете ја температурата и додајте го разматениот пудинг со постојано мешање. Варете го кремот со непрекинато мешање додека да згусне, околу 5 минути.
Варењето на овој пудинг трае малку подолго отколку кога се вари во млеко, и малку е поредок. Откако ќе се свари, тргнете го од оган, додајте малку екстракт од ванила и промешајте да се инкорпорира.
Ако не брзате, оставете го пудингот да се лади во истото тенџере, а ако се брзате, тогаш префлете го во друг сад за побрзо да се излади. Одозгора ставете кеса или фолија за да не фати коричка. Додека чекате да се олади филот, пригответе ја основата:
Во 300 г мелени кекси додајте 100 г растопен маргарин, промешајте, а потоа започнете постепено да додавате 100 мл сок по ваш избор, а може и некој чај или вода. Количината на сокот ќе треба сами да ја регулирате во зависност од сувоста на кексите. Смесата треба да биде со конзистенција на влажен песок.
Истресете ја на дното од калапот (26 см), рамномерно распоредете ја и израмнете ја површината. Во маргаринот омекнат на собна температура додајте шеќер во прав (100-200 г по вкус), па пенасто изматете со миксер. Потоа измиксајте го и изладениот пудинг.
Во измиксаниот маргарин додајте половина од пудингот, па убаво изматете со миксер. потоа додајте го и остатокот од пудингот, па повторно соединете. Во посбен сад пенасто изматете три кесички посен шлаг со 300 мл газирана вода.
Околу 3-4 лажици од посниот шлаг додајте во кремот и изматете, па додајте 200 г мелени ореви (или лешници или непто друго по ваш вкус) и 100-200 г рендано посно чоколадо (какао табла). Може да додадете сечкани желе бонбони, посни јафа кекси или крем банани. промешајте за да се соединат состојките.
Филот распоредете го врз основата и израмнете. Оставете ја тортата во фрижидер да се олади неколку часа. Одозгора премачкјате и декорирајте со посниот шлаг. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.