Испробајте ја посната верзија на оваа салата според рецептот на Давор Панчевски кој користи посен мајонез за поврзување на сите состојки. Доколку не постите, тогаш пригответе ја со обичен мајонез, во секој случај ќе бидете воодушевени. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г маринирани шампињони, 3 моркови варени (ситно исечкани), 1 компир варен (ситно исечкан), 100 г сварен грашок, 200 г печени пиперки, 200 г кисели краставички, 1 мала лажичка лук во прав, 1 мала лажичка кромид во прав, сол и мелен црн пипер по вкус, 1 лажичка суво оригано, 1 лажичка сенф и 200 г посен мајонез.




ПОСТАПКА: Маринираните печурки исцедете ги (може и да ги исплакнете со ладна вода, но важно е да бидат добро исцедени), па многу ситно исечкјате ги. Ставете ги во некој поголем сад и додајте ситно исечкани три моркови, претходно сварени.




Посебно сварете еден средно голем или два помали компири, но внимавајте да не ги преварите. Откако ќе се олади, излупете го, исечкајте го на ситни коцкички како за руска салата, па и него додајте го во садот.




Додајте и 100 г сварен и изладен грашок, а може да користите и конзервиран. Потоа ситно исечкјате 200 г претходно испечени и излупени црвени пиперки, а може да користите од зимница и смрзнати.




Во зеленчуковата мешавина додајте 200 г ситно исечкани кисели краставички, па зачинете со една мала лажичка лук во прав/гранули, една мала лажичка кромид во прав, а сол и мелен црн пипер додајте по вкус.




Најпосле за да се поврзат сите овие состојки додајте 1 лажичка сенф и 200 г посен мајонез (можете да го купите во сите поголеми супермаркети, а во поново време има посни мајонези со различни вкусови, а можете и сами да си го приготвите дома).




Преостанува само уште добро да ја промешате салатата за да се изедначат сите состојки. По желба може да декорирате со свеж ситно сечкан копар или магдонос. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.