Наместо кора, се прават бисквити, чоколаден прелив, желе од јагоди (но може да се направи и од малини, капини, боровинки, овошен микс) и друг крем од сок и пудинг од ванила. Овој посен капри колач има апсолутно фантастичен вкус, одлична комбинација на состојки, па може да се направи и кога не се пости и не ви се поминува многу време до шпоретот.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 4 x 16 парчиња петит бисквити, тоа е околу 800 г, еден ред е 16 парчиња, значи 4 такви редови, 300 г чоколадо за готвење, 6 лажици масло. ЗА ПРВИОТ ФИЛ: 1 литар сок од портокал, 3 пудинзи со вкус на ванила, 3 лажици шеќер, 200 г маргарин, 100 г шеќер во прав.




ЗА ВТОРИОТ ФИЛ: 300 г малини (јагоди, јас ставив малини затоа што повеќе ни се допаѓаат), 400 мл вода, 2 пудинзи со вкус на малина или јагода, 8 лажици шеќер, 50 г маргарин.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 500 мл слатка павлака, 400 мл кисела павлака, 200 г шеќер, 80 г плазма кекси + млеко за натопување, 120 г мелена плазма, 100 г искршени плазма кекси, 2 кесички шлаг, 1 кесичка желатин со 10 мл вода, 500 г јагоди, 150 г шумско овошје, рендано чоколадо за декорација (калап за торти 28 см).




ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): За првиот фил, потребно е да го направите следново. Пудингот од ванила и шеќерот измешајте ги со 200 мл сок, а остатокот оставете да зоврие. Кога ќе зоврие додајте го пудингот и мешајте додека да згусне смесата и добие фина конзистентност. Се трга од оган, се покрива со фолија и се остава да се излади до собна температура.




За вториот фил: Во малините додајте 5 лажици шеќер и 200 мл вода. Оставете да зоврие, па испасирајте со рачен блендер и оставете да се вари уште една минута на силен оган со повремено мешање. За тоа време измешајте го пудингот со остатокот од шеќерот и 200 мл вода и сварете го во кашата од малини или јагоди.




Кога ќе згусне додајте 50 г маргарин, мешајте додека да се растопи, па тргнете го од оган. Додека чекаме да се изладaт филовите, поделете ги бисквитите за секој ред и растопете го чоколадото со маслото.

Измешајте, да се добие ретка смеса која лесно ќе се премачкува врз бисквитот и да има доволно за сите 4 реда. Ако малку се згусне, повторно загрејте ја смесата додека малку да се пушти. Првиот ред од 16 парчиња бисквити наредете го во облик кој ви одговара, па прелијте со чоколадо и оставете да се стегне.




Се матат 200 г маргарин со шеќер во прав додека да станат пенасти, па се додава во првиот изладен пудинг и сè се мати. Врз бисквитот намачкајте ја ванилата, а потоа филот од малини и повторно ставете го вториот ред бисквити, па прелијте со чоколадо.




Постапката повторувајте ја додека да го потрошите последниот ред бисквити, кои исто така треба да бидат премачкани со чоколадо. Ако не ви преостанува, во тој случај горниот ред нека биде без чоколадо.

Декорирајте по желба. Можете да купите шлаг или да декорирате по сопствен вкус. Тортата задолжително мора да отстои преку ноќ во фрижидер. Во продолжение прочитајте ја постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Плазма кексите убаво натопете ги во млеко и наредете ги како основа на тортата, во калап со обрач 28 см. Пополнете ги и празнините со кршени кекси. Обрачот обложете го со фолија.

Желатинот натопете го во вода и оставете го да набубри. Киселата павлака изматете ја со 200 г кристален шеќер, додека добро да се растопи шеќерот. Набубрениот желатин растопете го на пареа, па додајте го во изматената кисела павлака.

Смрзнатите јагоди ситно исечкајте ги. Посебно изматете ја слатката павлака, па соединете ја со киселата павлака. Добиената смеса поделете ја на два еднакви делови. Во првиот дел додајте 120 г мелени кекси и промешајте за да се изедначи, па додајте и 100 г кршени кекси. Мешајте со лажица или шпатула. Оваа смеса нанесете ја врз слојот од бисквити.

Сечканите јагоди и шумското овошје додајте ги во втората половина од кремот и промешајте со лажица за да се изедначи. Рамномерно распоредете врз кремот со кекси и израмнете. Оваа количина треба точно да дојде до врвот на обрачот.

Тортата оставете ја во фрижидер убаво да се стегне, најдобро преку ноќ. Следниот ден извадете го обрачот, па декорирајте со 2 изматени шлаг креми според упатството на кесичките. Одозгора изрендајте чоколадо.