Рецептот за најубавиот посен колач кој им е познат на постарите домаќинки, овојпат го дополнивме со лешници, па сега е уште повкусен. Може да го направите за секој повод, за сладење, за роденден или некоја прослава.




Најпрво за колачот се подготвува смеса за пандишпан која се излева во плех за печење и се става во рерна. Во меѓувреме се подготвува кремаст фил од чоколадо и бисквити кој се соединува со миксирање и се излева врз печениот колач, а на крај се прави чоколадна глазура која е завршниот дел за колачот. Еве кои состојки ви се потребни за да го направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 мл вода, 13 лажици шеќер, 13 лажици брашно, 5 лажици мелени или блендирани лешници, 2 полни лажици какао, 3 супени лажици од кој било џем, 100 г посен мелен бисквит, 4 лажици масло, 1 лажица сода бикарбона.




ЗА ФИЛ: 125 г омекнат маргарин, 100 г шеќер во прав, 200 г посен мелен бисквит, 100 г какао табла или црно чоколадо без шеќер со голем процент на какао, 100 г печени блендирани или мелени лешници, 200 мл сок од портокал. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г црно чоколадо без шеќер, 2 лажици масло.




ПОСТАПКА: Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени, додека ја подготвувате смесата за пандишпан. Во еден подлабок сад ставете млака вода и веднаш потоа додајте го шеќерот и нежно измешајте за да почне да се раствора. Додајте го џемот, бисквитот, какаото, маслото и мелени или изблендирани лешници и сè убаво измешајте.




На крајот додајте го брашното и сода бикарбоната и соединете ги состојките со жица/маталка. Тавата за печење со димензии 30×20 см или 33×23 см премачкајте ја со масло, наросете ја со брашно (на дното и страните) и отстранете го вишокот. Можете да ставите и хартија за печење наместо обложување со масло и брашно.




Излејте ја целата смеса во плехот и со шпатула убаво израмнета ја. Кората се пече во претходно загреана рерна на 180 степени и печете околу 20 минути во зависност од вашата рерна.




За фил: се мати омекнатиот маргарин со шеќерот во прав, се додаваат бисквитите, па повторно се мати. Потоа додајте ги изблендираните или мелените лешници како и какаото, па се прелива со сокот и сите состојки со миксер фино се соединуваат во кремаста смеса.




Испечената кора се превртува на дрвена даска за сечење и се остава да се олади. Одозгора се вади хартијата за печење, доколку сте ставиле во плехот. Претходно додека кората се лади може да ја притиснете со друга дрвена даска за да се израмни.




Врз кората се нанесува целиот кремаст фил и убаво се израмнува по краевите, во подебел слој. На тивок оган растопете 100 г какао табла или црно чоколадо со висок процент на какао и растопете со малку масло. Со топлата глазура се прелива колачот, се остава малку да се стегне во фрижидер, па потоа се послужува. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.