Мајка ми одамна го прави за посна слава, но јас го правам и во обични денови зошто е многу сочен, мирисен и ароматичен, а дома сите го сакаме. Ова е еден од најубавите македонски колачи, а додека се пече цела куќа ви мириса прекрасно.




За вкусот нема потреба да се коментира – пробајте го и уверете се сами…Доколку не сте го направиле досега, запишете си го рецептот и уште денес направете го. За да го приготвите овој посен колач ќе ви бидат потребни следните состојки:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 шолји газирана вода, 5 шолји брашно, 3 шолји масло, 3 шолји пченичен гриз, 1 лажичка цимет, 100 г сечкано суво грозје, 100 г сечкани ореви и 1 прашок за печиво. ЗА СИРУП: 250 г шеќер, 1 ванилин шеќер и 250 мл вода. За наросување: 50 г сечкани ореви, по желба (не мора, но многу убаво изгледа).




За мерење се користи една шолја од 150 мл. ПОСТАПКА: Просејте 5 шолји брашно заедно со еден прашок за печиво и една лажичка цимет. Додајте три шолји гриз, 100 г крупно сечкано суво грозје и 100 г крупно сечкани ореви. Сето убаво измешајте го во подлабок сад за да се изедначат состојките.




Во средината од сувите состојки направете вдлабнатина па излејте 5 шолји газирана вода и три шолји масло. Сето убаво промешајте го за да се изедначи смесата. Може да користите и миксер, а можете и едноставно со жица за матење. Рерната загрејте ја на 180 степени.




Плехот со димензии 25х35 см обложете го со хартија за печење и излејте ја смесата. Одозгора врз тестото можете да наросите и 50 г сечкани ореви. Колачот печете го приближно 35-40 минути. Пробајте со чепкалка дали е доволно печен, па извадете го плехот и оставете го колачот да излади.




Во меѓувреме направете го сирупот: сварете 250 г шеќер, 1 ванилин шеќер и 250 мл вода околу 3-4 минути и со врел сируп прелијте го изладениот колач. Колачот оставете го на собна температура додека да го впие целиот сируп. Сечете на коцки, штангли, тријаголници…




А може и директно да се јаде од плех… за нестрпливите. Можете да ставите и прелив со чоколадо и така колачот е уште повкусен. Во тој случај тестото не се наросува со сечкани ореви пред печењето. Или пак, можете да го прелиете со чоколадна глазура помешана со чоколадни снегулки.




Глазура се прави од 100 г темно чоколадо, 50 г путер, 1 лажица кисела павлака, 1 лажица масло – сето добро се соединува на тивок оган и се прелива преку колачот. За посна глазура користете само посно чоколадо и 2-3 лажици масло. Одлично се сече, чоколадото не се двои од кората без разлика што претходно била прлиена со сируп. / Сооlinarika.com