Овој колач го имаат осмислено монахињите за постите на вода, меѓута толку е вкусен и сочен, што можете да си го приготвувате било кој ден, независно од постите. Многу е вкусен, а направен е од состојки кои секоја куќа ги има. Многу брзо и лесно се приготвува.
Потребни состојки: 12 лажици шеќер, 20 лажици меко брашно, 1 прашок за печиво, 400 мл вода, 1 лажичка сода бикарбона, 8+4 лажици мелени или блендирани ореви, 4+4 лажици домашен џем по желба
Постапка: вклучете ја рерната на 200 степени. Во еден сад ставете шеќер, брашно, вода, 8 лажици ореви, 4 лажици џем по желба, прашок за печиво, сода бикарбона и сето добро измешајте го.
Наместо ореви може да се стават лешници, а и џемот исто така можете да го комбинирате (во тестото ставив џем од сливи а го премачкав со џем од кајсии).
Во обложен плех со хартија (димензии 30х20 см) излејте ја целата смеса и убаво распоредете.
Кога ќе ја ставате хартијата, внимавајте таа со мазната страна да биде нагоре, ќе осетите под прсти дека едната страна е помазна од другата. Смесата треба да биде нешто погуста од јогурт.
Ставете да се пече 30 минути, во зависност од рерната. Ако не сте сигурни, проверете со чепкалка. Кога ќе потемни од горната страна, значи дека е готов. Врелиот колач премачкајте го со 4 лажици џем и наросете 4 лажици мелени ореви, па оставете да излади и тогаш сечете го.
Јас веднаш, уште додека беше врел го извадив од хартијата и го ставив на даска, па потоа го премачкав и наросив. Следниот рецепт: Посен колач со вишни без масло (посно на вода) – Ова е еден многу вкусен посен колач на вода, збогатен со вишни.
Потребни состојки: 12 лажици шеќер, 400 мл вода, 20 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 4 лажици џем по избор (одберете помек за да може убаво да измати), 100 г, пченички ‘ркулци (тоа е замена за ореви и се користи во пост на вода, а ако немате може да ставите мак, рогач или нешто слично), 300 г чистени вишни
Постапка: во водата додајте џем и шеќер и добро промешајте. Потоа додајте пченични ‘ркулци, промешајте, па брашно помешано со прашок за печиво и убаво сè соединете.
На оваа смеса додајте одмрзнати и исчистени вишни, па промешајте со лажица. Оставете да отстои додека рерната се загрее на 180 степени.
За тоа време вишните малку ќе се отпуштат, па затоа уште еднаш промешајте за да соедини и испуштениот сок.
Излејте ја смесата во плех со димензии 30х20 обложен со хартија и печете околу 30 минути во зависност од рерната. Исечете на коцки и наросете со шеќер во прав.