Сите ги сакаат чоколадните десерти, но многумина не можат да уживаат во нивниот вкус за време на постите, зашто си мислат дека тие се прават само со млеко, јајца и чоколадо. Сепак, во продолжение можете да прочитате неколку рецепти со кои ќе направите дури и повкусни десерти, иако се посни и содржат евтини намирници. Повелете во продолжение одберете си рецепт по ваш вкус, направете си посен колач и засладете се со мерак. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 (ПОСЕН ЧОКОЛАДЕН КОЛАЧ) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 чаши брашно, 3 супени лажици џем, 1 кесичка прашок за печиво, 1.5 чаша шеќер, 2 чаши вода (може газирана), 1 мала лажичка цимет. За глазура: може да растопите „менаж“ чоколадо или да сварите 2 лажици какао со ванилин шеќер и малку вода

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 (ПОСЕН РОЛАТ СО СУВИ СЛИВИ) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г шеќер (може и помалку), 300 г мелени суви сливи, 300 г сечкани ореви, малку вода. Многу едноставно се приготвува, но вкусот е нешто невеpојатно.

рецепт 3

РЕЦЕПТ 3 (ПОСЕН КОЛАЧ СО ЈАБОЛКА И ОРЕВИ) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 210 г топла вода, 110 г кафеав шеќер, 180 г интегрално брашно (може и спелта), 4 мали јаболка, 200 г сечкани ореви, 100 г суво грозје, 2 лажици овесни снегулки (или гриз), 1 кесичка прашок за печиво, 1 лажичка сода бикарбона, по желба рендана кора од лимон или портокал.

ЗА СИРУП: 200 г кафеав шеќер, 200 мл вода, 1 кесичка ванилин шеќер (по желба малку кардамом, сок од портокал, тркалца од лимон)




ПОСТАПКА за рецепт 1: Растворете го шеќерот во водата, па додајте ги сите останати состојки и добро промешајте за да се изедначат. Во помал калап ставете хартија за печење, излејте ја смесата, израмнете и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, 20-тина минути.




Печениот колач оставете малку да подизлади, па прелијте го со глазура. Може и само да го премачкате со џем и да го наросите со мелени ореви. Ако сакате колачот да биде посочен, сварете повеќе какао со вода и шеќер (како сируп) и прелијте го целиот колач. Откако ќе се олади, сечете и послужете. Рецепт на Дејана Стјепановиќ




ПОСТАПКА за рецепт 2: Сварете го шеќерот во густ сируп како за слатко, што значи дека треба да ставите само малку вода. Кога ќе го добиете сирупот додајте ги мелените суви сливи ии продолжете уште кратко со варењето, непрекинато мешајќи за да не загори. Потоа додајте ги сечканите ореви и тргнете го садот од оган, па сето убаво соединете го.




Смесата истресете ја врз проѕирна фолија или хартија, претходно наросена со кристал шеќер или кокос, па формирајте две салами (може и други форми по избор, дури може да се прават и топчиња). Оставете неколку часа во фрижидер или најдобро преку цела ноќ, па сечете и послужете. Може да се чува и во замрзнувач. Рецепт на Санди Канада.




ПОСТАПКА за рецепт 3: Во сад за мешање растворете го шеќерот со топлата вода. Потоа по ред додавајте ги сите состојки: ренданите јаболка, шеќер, брашно, овесни снегулки или гриз, прашок за печиво, сода бикарбона, суво грозје, половина од сечканите ореви и рендана кора од лимон.




Со лажица или маталка убаво соединете ги состојките и оставете ја смесата да отстои 15-тина минути. Правоаголен калап со димензии 28х20 см обложете со хартија и на дното наросете 100 г сечкани ореви. Излејте ја смесата и распоредете ја.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени 15 минути, а потоа намалете на 180 степени и печете уште 15-20 минути. Колачот оставете го да се олади во плехот, па потоа сечете го на коцки. Може и додека е врел, штом го извадите од рерна да го превртите и отстраните хартијата, за да бидат оревите од горната страна.

Во тенџерче помешајте вода (може и помешано со сок од портокал), шеќер, ванила и по желба тркалца од лимон и кардамом. Од моментот кога ќе проврие варете 3-4 минути. Со врелиот шербет полијте го млакиот колач, оставете целосно да се олади, па послужете. Колачот го впива сиот сируп. Рецепт на Гага Херц.