Дома ми ги обожуваат, па штом имам спанаќ или правам пита или полжавчиња, бидејќи моите деца единствено така го јадат, па на овој начин успеав барем колку – толку да им го воведам во исхраната. Обидете се и вие, ако и вашите деца не го сакаат спанаќот.

Потребни состојки:

400 мл топла вода

200 мл јогурт

40 г свеж квасец (10 г сув)

1 кг меко брашно

1 лажица шеќер

1 лажица сол (или по вкус)

500 г ситно сирење

250 г свеж спанаќ

250 г путер / маргарин

2 жолчки

50 мл масло + 4 лажици

Постапка:

Квасецот и шеќерот додадете ги во топлата вода и измешајте.

Потоа додадете околу 400 г брашно и сол, па повторно промешајте. Потоа додадете масло, јогурт и уште толку брашно, па убаво измешајте со лажица.

На крај додадете толку брашно колку што е доволно за да се замеси убаво мазно тесто. За изработка е потребно околу 900 г брашно, а остатокот ни е потребен кога тестото треба да се премеси и при развлекувањето.

Замесете го тестото, прелијте со 2 лажици масло и премачкајте го од сите странии оставете го на топло да се удвои.

За тоа време сварете го спанаќот: Ставете вода да проврие и во неа попарете ги листовите околу 2-3 минути. Процедете, измијте со ладна вода, притиснете и дополнително процедете. Исечкајте ги и додадете ги во сирењето. Посолете ако не е доволно солено и убаво промешајте.

Надојденото тесто премесете го и развлечете го во правоаголник отприлика 40х60 см. Изрендајте путер/маргарин врз целата површина, па свиткајте во ролат од подолгата страна. Оставете го ролатот да одмори 10 минути па развлечете го.

Тоа е најтешкиот дел од работата, бидејќи ролатот сам по себе повеќе се развлекува по должина отколку по ширина. Јас го сечам на половина, го тргам едниот дел, па дополнително го развлечувам во кора со дебелина од 0,5 см.

Првото тесто развлечете го со димензии околу 60х40 см. Пресечете хоризонтално на два еднакви делови и премачкајте со филот. Двата дела свиткајте ги во ролат, па сечете полжави со дебелина 1-1,5 см и редете во тепсија.

Премачкајте со мешавина од изматена жолчка и маслото кое ни останало, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 220 степени околу 20 минути во зависност од рерната, додека да заруменат.