Едноставен рецепт за приготвување, а потребни се само 5 состојки. За да излезе во ваква форма како од фотографијата, потребен ви е долгнавест и тесен калап за печење ролати или леб. Исто така, можете да го приготвите и во калап за торти, па да го сечете како триаголници. Крајниот резултат е феноменален.




За декорација на колачот можете да користите чоколадна глазура, но исто така, богато би изгледало доколку го декорирате со шлаг крем или сечкано овошје, бобинки или овошна глазура. Сепак, декорацијата е индивидуална и по сопствен избор.




Може да сечете многу тенки парчиња, дури и за оние кои се на диета и одбегнуваат да јадат благо. Но верувајте, толку многу на сите им се допаѓа, што дури и тие побаруваат по уште едно парче. Рецептот го осмисли Бојана, а нејзината видеопрезентација можете да ја погледнете на линкот подолу во текстот. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г мелена плазма (или кекси по избор), 350 – 400 г шеќер во прав, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 350 – 400 г несолен путер или маргарин, 350 – 400 мл сок од свеж портокал (или тетрапак), 100 г мелени ореви или лешници. За глазура е потребно 100 г чоколадо или шлаг




ПОСТАПКА: Путерот исечкајте го на коцки или ленти и оставете го да омекне на собна температура, а потоа пенасто изматете го заедно со 100 г шеќер во прав. Матете неколку минути додека да стане кремаст. Потоа оставете го настрана.




Во еден подлабок сад сипете 600 г мелена плазма и приближно 250-300 г шеќер во прав, во зависнот од тоа колку сакате колачот да ви биде сладок. Во смесата додајте и една кесичка ванилин шеќер, 100 г мелени ореви или печени, па сечкани лешници и малку промешајте ги сувите состојки со шпатула или лажица.




Во сувата мешавината од кекси најпрво додајте приближно 350 мл сок од портокал. Промешајте убаво да се соединат состојките, па оценете дали треба да се додаде уште малку сок. Смесата треба да е ровка, да не е течна, ниту премногу сува.




Потоа додајте го изматениот путер и повторно сето изматете го со миксер за убаво да се соединат состојките. Смесата треба да биде мека и мазна, но цврста, да не паѓа од лажицата. Долгнавест, правоаголен калап обложете го со проѕирна фолија, па во него рамномерно распоредете ја целата количина (лажицата натопувајте ја со ладна вода за да не ви лепи).




Одозгора израмнете и колачот оставете го во фрижидер да се олади и стегне, неколку часови или ако ви се брза, тогаш доволно е еден час во замрзнувач. Декорирајте со чоколаден прелив или со шлаг по желба. Деталите можете да ги погледнете ОВДЕ.