Рецепт, фотографија и видео презентација на Томислав Џукиќ од “Томина Кујна” – Плазма страчатела торта која се обожува. Тортата пред сè е брза затоа што нема печење во подготовката ако се одземе делот со ладењето за што се потребни неколку часови.
Инаку, лесно и едноставно се прави, а ќе ве освои со вкусот, како и со изгледот. Токму затоа, ова е една од моите омилени торти. Може да ја приготвувате за секојдневно уживање, но може да ја приготвите и за родендени или различни други прослави.
Потребни состојки: 1 литар млеко, 200 мл вода, 3 кесички желатин, 200 г кристален шеќер, 500 мл слатка павлака, 300 г плазма кекси во парче, 200 г рендано еуроблок чоколадо (чоколадото кое е слепено со бела тенка табла и чоколадна табла).
Постапка: Во еден пластичен сад (или било каков подлабок сад) истурете ја содржината од три кесички желатин и прелијте со 100-150 мл ладно млеко. Промешајте убаво со лажица и садот оставете го на страна да отстои неколку минути додека желатинот да набубри.
За тоа време, истурете го остатокот од млекото во едно поголемо тенџере, додадете го шеќерот и водата, па ставете го на рингла и загревајте го на умерена температура додека да зоврие и да се свари. Врелото млеко тргнете го на страна за да можете постепено да го промеѓате со желатинот.
Најпрво црпнете две полни кутлачи од топлото млеко и ставете ги во садот со набубрениот желатин. Добро промешајте го желатинот со лажица или жица-маталка за да нема грутчиња и да добиете фина мазна и изедначена смеса.
Добиената смеса постепено додадете ја во врелото млеко, турајќи ја во тенок млаз додека постојано мешате за да не се создадат грутчиња. Вака изматеното млеко со желатин оставете го да се лади неколку часа за да може да се желира и да се стврдне (како пивтија).
Кога млекото ќе се згусне нешто слично на помек пудинг (половина час отстоја на собна температура, а потоа уште два часа во фрижидер), време е за следниот чекор: Во посебен сад изматете половина литар ладна слатка павлака и со помош на електричен миксер изматете ја во шлаг.
Откако ќе ја изматите слатката павлака, на ред е пивтиестото млеко (нема потреба да ги миете маталките): само кратко изматете го со електричниот миксер колку да се запени, околу половина минута. Потоа треба да се соединат овие две креми:
Пенливото млеко истурете го во шлагот од слатка павлака, па заедно изматете ги со миксер. Миксајте 3-4 минути додека убаво да се соединат двете смеси во една компактна смеса. Веднаш поделете ја на два еднакви делови. Во едниот дел ставете 300 г кршени бисквити.
Промешајте со шпатула за да се соедини и изедначи смесата. Во вториот дел додадете го ренданото чоколадо, па и оваа смеса промешајте ја за да се изедначи и соедини. Потоа се преминува на финалниот чекор: Земете едно длабоко тенџере со пречник од 26 см и обложете го со алуминиумска или проѕирна фолија.
Во вака приготвеното тенџере најпрво истресете ја смесата со рендано чоколадо и убаво распоредете. Протресете го тенџерето за да излезат евентуалните воздушни меурчиња, па израмнете одозгора. Потоа истресете го и вториот дел со кршените кекси.
И овојпат тенџерето малку протресете го, смесара рамномерно распоредете ја и израмнете ја површината. Вака приготвената торта во тенџере оставете ја во фрижидер 3-4 часа за да може убаво да се стегне.
По изминатото време тортата извадете ја од фрижидер и превртете ја врз тацна или чинија за послужување, така што горниот дел ќе биде слојот со рендано чоколадо. декорирајте ја по ваш избор. деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.