Ова не е обична, класична пица која се приготвува со киснето тесто, туку ова е рецепт за приготвување на многу брзо тесто за кое нема потреба од чекање за да стасува. Вкусна, брза и лесна пица!
РЕЦЕПТ 1 – Потребни состојки: 1 чаша јогурт, 2 чаши брашно, 2 лажици масло, ½ лажичка сол и ½ лажичка прашок за печиво
Постапка: од брашното, солта, прашокот за печиво, маслото и јогуртот замесете тесто. Тестото веднаш развлечете го на набрашнета работна површина, па пренесете го во плех обложен со хартија за печење.
Филувајте по сопствен избор. премачкјате го со доматен сос, додајте тенки листови сувомеснато, наредете моцарела, шери домати, рендан кашкавал или доколку повеќе ја сакате во „веге“ варијанта, наредете сечкан зеленчук.
Приготвената пица ставете ја да се пече во претходно добро загреана рерна на 220 степени 10-тина минути или додека малку да зацрвенат краевите. Додека се пече пицата, пожелно е првите 5-7 минути да не се отвора рерната. Прочитајте ги и следните рецепти за брзи пици:
Брза пица со јогурт, без квасец, мека и следниот ден.
Драги мои, денес со вас сакам да го споделам рецептот за едно брзо и едноставно приготвување на пица. Ова не е класична пица, може да ја наречеме и лажна пица, но има одличен вкус. Многу брзо се приготвува и веќе за половина час имате оброк на маса. Во 90-тите често го правев ова тесто, а фил она што ќе се најде во фрижидер.
РЕЦЕПТ 2 – Потребни состојки: 2 чаши (од 200 мл) брашно, 1 рамна лажичка сол, ½ прашок за печиво, 1 чаша јогурт, 3 лажици масло,уште малку брашно за премесување и развлекување на тестото. За фил: доматен сос, 250-300 г кашкавал, 200 – 250 г сувомеснато по желба, маслинки, печурки по желба, босилек, оригано, малку мајонез.
Постапка: Во еден сад ставете 2 чаши брашно, 1 рамна лажичка сол и ½ кесичка прашок за печиво. Промешајте ги состојките. Потоа додајте 1 чаша јогурт на собна температура и 3 лажици масло. Прво со лажица замесете го тестото, а потоа и со рака.
Замесеното тесто оставете го 5 минути да се одмори. После 5 минути тестото префрлете го на набрашнета работна површина и кратко промесете го. Од ова тесто можете да направите една голема или две мали пици. Развлечете тенка кора. Развлекувањето може да го правите на набрашнета површина или веднаш на хартијата за печење.
Премачкајте со доматен сос, по желба додајте малку босилек и филувајте понатаму по ваш избор. Приготвената пица одозгора наросете ја со неколку капки мајонез за да биде помека. Пицата печете ја во загреана рерна на 220 степени околу 8-10 минути во зависност од вашата рерна. Прочитајте го и следниот рецепт:
Наједноставното тесто за пица, толку меко и речиси без месење, што може и дете да го направи.
Ова е рецепт за наједноставното тесто за пица, многу меко и лесно за кое нема потреба од премногу месење, па можат дури и децата сами да го прават. Тестото се развлекува со раце.
РЕЦЕПТ 3 – Потребни состојки: 500 г брашно, 250 мл вода, 70 мл масло, 15 г свеж квасец (3-4 г сув), 1 лажичка шеќер, 1 лажичка сол.
Постапка: Во подлабок сад ставете топла вода и во неа издробете го квасецот, потоа додајте шеќер и убаво промешајте за да се растопи. Додајте половина од брашното и речиси целото масло, оставете малку да се впие маслото, па кога ќе се впие, додајте ја и солта, добро промешајте со лажица.
Како постепено го додавате остатокот од брашното, така продолжување со мешање. Кога тестото повеќе не може да се меша со лажица, лесно замесете го со рака, колку да му дадете облик.
Не е потребно долго месење бидејќи тестото веќе е добро изработено со лажицата, но и натаму треба да биде меко и лесно лепливо. Намастете го оформеното тесто со остатокот од маслото што остана, па оставете го да стасува 30 минути. Тестото ќе биде меко и лепливо.
Наросете ја работната површина со брашно и малку премесете го тестото. Од оваа мера излегуваат две поголеми тркалезни тепсии. Тестото е меко и може а се развлекува со раце и да се постави во тепсијата. Филувајте по желба, но внимавајте да не ставате премногу фил зошто ќе го „загушите” тестото.
Испечете ја пицата неколку минути во загреана рерна на највисоката температура што ја имате.