Овој пица-леб се подготвува толку многу брзо, а за вкусот немам зборови. Ќе го направите уште денес кога ќе прочитате колку лесно се припрема. Тестото не се меси, само се излева, а сите намирници се измерени со мерки на чаша. Дечињата го обожаваат ова јадење, кое најчесто го подготвувам за ручек или за вечера.
Пицата може да ја филувате по сопствен вкус со сувомеснато по избор, кашкавал, маслинки, печурки, доматен сос… Јас овојпат ја филував со ќофтиња во доматен сос, кои ми останаа од ручекот, па решив да ги искористам со овој рецепт за излеано тесто за пица. Излезе многу вкусно, а одозгора наросив кашкавал и малку пармезан. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 2,1/4 чаши брашно (300 г), 1,1/2 чаша топла вода (360 мл), 1 лажица шеќер (15 г), 1 лажичка активен сув квасец (5 г сув или 15 г свеж квасец), 2 лажици масло (30 мл), 1 лажичка сол (5 г). ЗА ФИЛОТ: ќофтиња варени во сос од домати, 150 г рендан кашкавал (моцарела), оригано по вкус, рендан пармезан по вкус.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете речиси 2,5 чаши брашно. На средина направете мала вдлабнатина, така што дното на садот ќе стане видливо. Во вдлабнатината сипете 1,5 чаша топла (млака) вода. Додајте 1 лажица шеќер и 1 лажица сув квасец или издробете 15 г свеж квасец.
Нежно промешајте во средината со шпатула, додека квасецот да се соедини добро со останатите состојки. Потоа, додајте 2 лажици масло и повторно промешајте ја целата содржина во еднолична смеса. Нема потреба од долго мешање, доволно е само додека сѐ добро да се соедини.
На крајот, додајте уште 1 лажичка сол и измешајте нежно уште 2 минути. Ќе забележите дека конзистентноста на тестото е многу течна, но таква треба да биде, нема потреба од додавање на повеќе брашно. Вака подготвената смеса оставете ја во садот каде што ја замесивте, покријте со стреч-фолија и оставете да го удвои својот волумен.
Колку просторијата е потопла и нема провев, толку побрзо тестото ќе се зголеми и ќе се згусне. Приближно е потребно од 45 минути до 1 час. Во меѓувреме подгответе си плех со флексибилен обрач со пречник од 26 см (може и со приближна големина). Плехот малку намастете го со путер или масло на дното и од страните, но може да го обложите и со хартија за печење.
Кога тестото ќе се надигне, излејте ја целата количина во намастениот сад и добро израмнете. Филувајте го пица-лебот по желба. Доколку ви останало некакво месо од ручекот, како на мене, може да го искористите за вечера, а доколку правите класична пица, излејте врз тестото малку доматен сос, ставете шунка или некое друго сувомеснато или по ваша желба.
Покријте ја целата содржина со рендан кашкавал и пармезан (опционално), па наросете и со оригано. Вака подготвената пица се пече во загреана рерна на 180 степени, 35-40 минути. По печењето се остава сосем малку да се олади, па се послужува топла. Деталите погледнете ги ОВДЕ.