I Рецепт: Пита-пица со два вида сирење – многу вкусно и декоративно. Фото и рецепт на Верица Николиќ – Пита со два вида сирење.
Ова е нешто помеѓу пита и пица и многу е вкусно. Тестото е многу вкусно, па можете да го искористите за приготвување и на друг вид печива. Она што е интересно кај оваа пита е плетката на работ од засечените ленти со кои се добива впечатлива и многу декоративна плетенка.
Потребни состојки: 460 г брашно, 2 лажици сув квасец, 1 лажица шеќер, 2 полни кажици масло, 2 полни лажици јогурт, 1 лажичка сол, 1 јајце, 200 мл топло млеко.
За фил: 2 полни лажици доматно пире, 1 полна лажица масло, 1 лажичка оригано, 150 г тенко сечкан сув врат, 260 г домашно кравјо сирење, 1 белка, 1 лажичка тимијан, 1 лута пиперка, ½ главица виолетов кромид, маслинки, шери домати, 200 г кашкавал. За премачкување на тестото: 1 жолчка, 1 лажичка масло, 1 лажица млеко.
Постапка за подготовка на тестото: Во длабок сад ставете го тестото, додајте шеќер, сол и квасец. Промешајте со лажица. Потоа додајте ги маслото, јогуртот, јајцето и млекото, па замесете го тестото. Замесеното тесто обликувајте го во топка, покријте го со проѕирна фолија и оставете го половина час да стаса на собна температура.
Доматното пире ставете го во помала чинија, додајте лажица масло и добро соединете. Кравјото сирење ставете го во подлабока чинија и со виљушка издробете го. Додајте ја белката и тимијанот, па соединете добро со сирењето. Лутото пиперче исечете го на кругови, кромидот на ленти, а маслинките и шери доматите пресечете ги на половинки.
После половина час стасување, тестото истресете го на набрашнета подлога и прво со раце развлечете го во круг, а потоа продолжете со оклагија. Треба да се добие кора со пречник од 40 цм.
Развлечената кора префрлете ја на хартија. Во средината од тестото ставете чинија со пречник од 29 цм. Делот од кората кој не е поклопен со чинијата исечете го на тенки ленти со широчина од 1,5 цм. Тргнете ја чинијата.
Земете една лентичка, подигнете ја и префрлете ја преку средишниот круг налево. Потоа следната лента префрлете ја преку неа, на десната страна. Една лента прескокнете, па следната префрлете ја на десно, а прескокната лента преку неа кон лево како на сликата.
Внатрешната страна на кругот притискајте ја со прстите, за да не се подигнат лентите при печењето, а целата средина од кругот избокцајте ја со виљушка. Прекријте го тестото со кујнска крпа и оставете го да стасува половина час.
Потоа внатрешноста од тестото премачкајте ја со мешавина од доматен сос и масло. Наросете со оригано. Наредете сув врат или било што сувомеснато. Одозгора наредете домашно сирење, луто пиперче, кромид, маслинки и шери домати.
Преку сето тоа наросете крупно изрендан кашкавал. Краевите од тестото премачкјате ги со мешавина од жолчка, малку млеко и масло. Ставете ја питата да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени. Питата печете ја додека тестото да добие убава румена боја (околу 25 минути).
II Рецепт: Брза пица со јогурт, без квасец, мека и следниот ден. Рецепт на Готвиме Лесно.
Драги мои, денес со вас сакам да го споделам рецептот за едно брзо и едноставно приготвување на пица. Ова не е класична пица, може да ја наречеме и лажна пица, но има одличен вкус. Многу брзо се приготвува и веќе за половина час имате оброк на маса. Во 90-тите често го правев ова тесто, а фил она што ќе се најде во фрижидер.
Потребни состојки: 2 чаши (од 200 мл) брашно, 1 рамна лажичка сол, ½ прашок за печиво, 1 чаша јогурт, 3 лажици масло,уште малку брашно за премесување и развлекување на тестото. За фил: доматен сос, 250-300 г кашкавал, 200 – 250 г сувомеснато по желба, маслинки, печурки по желба, босилек, оригано, малку мајонез.
Постапка: Во еден сад ставете 2 чаши брашно, 1 рамна лажичка сол и ½ кесичка прашок за печиво. Промешајте ги состојките. Потоа додајте 1 чаша јогурт на собна температура и 3 лажици масло. Прво со лажица замесете го тестото, а потоа и со рака.
Замесеното тесто оставете го 5 минути да се одмори. После 5 минути тестото префрлете го на набрашнета работна површина и кратко промесете го. Од ова тесто можете да направите една голема или две мали пици. Развлечете тенка кора. Развлекувањето може да го правите на набрашнета површина или веднаш на хартијата за печење.
Премачкајте со доматен сос, по желба додајте малку босилек и филувајте понатаму по ваш избор. Приготвената пица одозгора наросете ја со неколку капки мајонез за да биде помека. Пицата печете ја во загреана рерна на 220 степени околу 8-10 минути во зависност од вашата рерна. Целата постапка погледнете ја во видеото ОВДЕ.
III рецепт: Наједноставното тесто за пица, толку меко и речиси без месење, што може и дете да го направи. Рецепт на Домашни рецепти – тесто за пица.
Ова е рецепт за наједноставното тесто за пица, многу меко и лесно за кое нема потреба од премногу месење, па можат дури и децата сами да го прават. Тестото се развлекува со раце.
Потребни состојки: 500 г брашно, 250 мл вода, 70 мл масло, 15 г свеж квасец (3-4 г сув), 1 лажичка шеќер, 1 лажичка сол.
Постапка: Во подлабок сад ставете топла вода и во неа издробете го квасецот, потоа додајте шеќер и убаво промешајте за да се растопи. Додајте половина од брашното и речиси целото масло, оставете малку да се впие маслото, па кога ќе се впие, додајте ја и солта, добро промешајте со лажица.
Како постепено го додавате остатокот од брашното, така продолжување со мешање. Кога тестото повеќе не може да се меша со лажица, лесно замесете го со рака, колку да му дадете облик.
Не е потребно долго месење бидејќи тестото веќе е добро изработено со лажицата, но и натаму треба да биде меко и лесно лепливо. Намастете го оформеното тесто со остатокот од маслото што остана, па оставете го да стасува 30 минути. Тестото ќе биде меко и лепливо.
Наросете ја работната површина со брашно и малку премесете го тестото. Од оваа мера излегуваат две поголеми тркалезни тепсии. Тестото е меко и може а се развлекува со раце и да се постави во тепсијата. Филувајте по желба, но внимавајте да не ставате премногу фил зошто ќе го “загу.шите” тестото.
Испечете ја пицата неколку минути во загреана рерна на највисоката температура што ја имате. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска