Ловечката салата е зимница која оваа година за првпат се обидов да ја приготвам, откако мојата сосетка баба Рада ме запозна ова лето со прекрасниот вкус на оваа слаткасто-кисело волшепство, чија основа се морковите и пиперките „рог“ (и двете со слаткаст вкус), кои се готват во течен домат.
Всушност, може да се каже дека ова е „зимница во зимница“, но како и да е, оваа зимница е навистина една „Ловечка салата“ која е идеална да се послужи како прилог со печено месо, но одлично одговара и во безмесна варијанта, како прелив врз тестенини.
Се прашувате зошто е наречена „Ловечка“?
Па, затоа што за ловците се врзува една парадигма дека тие ја сакаат лутата и жестока храна, па така во литературата ќе сретнете „ловечки гулаш“, „ловечки сос“ и слично, а она што е заедничко за сите овие „ловечки“ јадења, е тоа што сите се зачинети со лут црн пипер или лути пиперчиња.
Но, бидејќи сите ловци не се исти, така веројатно постојат и онакви кои не го сакаат лутото, па така, и оваа салата може да се приготви во „слатка“ варијанта, без додавање на лути пиперчиња.
Како и да е, „ловечката салата“ е нешто што мора да го направите оваа сезона, бидејќи постапката е многу едноставна, па дури и да не сте експерт, ќе ви успее. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3,5 кг пиперки, 2 литри доматен сок, 1 кг моркови, 3-4 лути пиперки (по желба), лук, свеж магдонос, 200 мл масло, 200 мл бел оцет 9%, сол, црн пипер, коријандер, шеќер
ПОСТАПКА: Пиперките измијте ги добро, исцедете ги и пребришете ги, па исчистете ги од семето и дршките. Потоа исечкајте ги на ситни коцкички. Потоа измијте ги и исчистете ги морковите, па и нив исечкајте ги на крукчиња.
Кога сиот зеленчук ќе го исечкате, земете едно големо и широко тенџере па во него истурете го доматниот сок и додајте 2 ловорови листови.
Ставете да се загрева на умерена температура додека да испари вишокот вода, со повремено промешување, приближно 20-25 минути (да испари околу 500 мл течност).
Извадете ги ловоровите листови, па внимателно додајте ги исечканите пиперки, а потоа и морковите, а кој сака нека додаде и ситно сечкани лути пиперки.
Потоа залијте една чаша бел оцет, една чаша масло за готвење и зачинете: 1 лажица коријандер, 1 лажица шеќер, 3 лажици сол (по вкус) и 1 лажица мелен црн пипер.
Внимателно промешајте и оставете да „крчка“ на тивко, со повремено промешување. После 20-тина минути ќе се отпушти сокот од зеленчукот.
Продолжете со готвење додека да добие убава густина. Пред самиот крај додајте ситно исечкани две главици лук и една китка свеж магдонос.
Добро промешајте да се распоредат состојките и гответе уште 10-тина минути. Вкупно за готвењето е потребен приближно еден час, но сами оценете според густината. Наполнете ги теглите и затворете ги добро со чист, нов капак.
Рерната вклучете ја на 90 степени и направете едночасовна пастеризација. Оставете ги теглите да преноќат во рерна. Деталите погледнете ги ОВДЕ.