Кај нас дома печеното пиле се јаде со сласт и се чека да се испече со нетрпение. Можам да кажам дека ни е омилено јадење, па затоа многу често знам да го подготвувам. Кога одам во маркет по пиле, продавачката веќе ме научи дека редовно го купувам, па ми кажа еден нов начин како да го подготвам.




Повеќе пилето не го печам заедно со компирите, како што тоа го правев претходно, сега ми е многу полесно вака и на овој начин излегува многу сочно и меко, месото не е безвкусно, а тоа се должи на маринадата која ќе ви ја откријам подолу.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 пиле, зачини како сол, вегета, црн пипер, мешавина од зачини за месо, лук во гранули, магдонос (свеж или сув), 100-150 мл масло, рузмарин, пиперки, моркови…




ПОСТАПКА: Пилето ставете го на една дрвена даска и со помош на кујнски ножици пресечете го грбот кој може да го искористите за супа, чорба или да го испечете со компири. Се сече на местото каде што проаѓа ‘рскавицата.




Останатото бело месо малку притиснете го со рацете додека да пукне коската. Настрана направете маринада со 1,5 лажиче специјален зачин за зачинување месо, додајте 1/2 лажиче лук во гранули, малку рузмарин и магдонос сув или свеж. Ако додавате свеж магдонос, тогаш најдобро е да го исечкате на многу ситно.




Сепак доколку немате мешавина од зачини за месо, можете да зачините со сол, вегета, црн пипер и лук. Магдоносот и рузмаринот се додаваат по вкус. Во маринадата ставете 50-100 мл масло. Таа не треба да биде премногу течна, ниту премногу густа кога ќе ја измешате.




Пилето се премачкува од сите страни, особено од страната која не е пресечена од ‘рскавицата. Покријте го со алу-фолија и ставете во фрижидер за убаво да ги впие сите вкусови. Потребно е да стои најмалку 2 часа, но уште поубаво е ако го оставите да отстои преку ноќ.




Следниот ден во тава за печење исечете ги компирите, во количина која вие ќе ја одберете, а како дополнителен вкус со компирите печете 1 црвена, 1 зелена пиперка и морков исечкан на помфрит.




Зеленчукот се зачинува со вегета и црн пипер и одозгора се намастува. Со раце измешајте за убаво да се распореди маслото и зачините и подредете го зеленчукот еден до друг. Вклучете ја рерната да се загрее на 180 или 200 степени во зависност од јачината.




Со помош на решетка која стои во рерната ставете го пилето да се пече врз неа, а одоздола под решетката ставете ја тепсијата со компири и останатиот зеленчук. На овој начин целиот сок од пилето ќе оди во компирите и тие ќе имаат уште поубав вкус.




Кај мене, пилето се пече околу 1 час, а потоа го вадам од рерна и зеленчукот го допекувам уште 10-тина минути да фати коричка. Послужете со рукола салата. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.