Рецепт и видео прилог на “Шерпица”: Рол кифлички со виршла
Ова се највкусните и најмеките рол виршлички што некогаш сте ги пробале. Може да се послужат како мини, коктел печиво за слава, роденден, за ужина, појадок…
Потребни состојки: 450-500 г брашно, 250 мл млака вода, 20 г свеж квасец, 100 мл масло, 1 јајце, 2 лажички шеќер, 1 лажичка сол, 600 г виршли +- (мини или ако се големи пресечете ги на 2-3 делови, не се варат, а ако имаат најлон треба да се извади), 1 јајце за премачкување и семе за наросување: ленено, сусам, ким, чиа …
Постапка: квасецот растопете го во млака вода со шеќер и малку брашно. Промешајте убаво да се раствори и изедначи па оставете на топло место 10-тина минути за да се активира квасецот. Потоа додајте масло, јајце, сол, промешајте и постепено започнете да го додавате брашното.
Тестото треба да биде меко и малку лепливо. Оставете го половина час да стасува, па премесете го со малку брашно. Поделете го на два дела, а секој дел развлечете го со оклагија по должина. За мали виршлички потребни се помали ленти, со должина од 15 см, а широчина 1 прст.
За поголеми исечени виршли должината на лентите е 25 см со широчина од околу 1 прст. На секоја лентичка покрај крајот ставете виршла и виткајте спирално околу виршлата. Редете во плех намастен со путер или обложен со хартија за печење. Одозгора премачкајте ги со јајце и наросете ги со семки по избор.
Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, а за тоа време (10-15 мин) кифлите ќе одморат. Печете ги околу половина час или додека убаво да заруменат, а кога ќе ги извадите од рерна веднаш премачкјате ги со малку масло или путер за да добијат сјај. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: