Овие печива се толку многу вкусни, а изгледаат и многу декоративно. Обликот на цветови ги прави совршени во овој период од годината, кога сѐ наоколу е расцутено. Доколку си помисливте дека постапката е тешка, навистина сте се излажале. Потребна ви е 1 чаша за да ги направите да изгледаат вака, практично секој може да ги направи.
За тестото немам зборови, толку многу е меко и вкусно, се топи во уста. Најважно од сѐ е што печивата остануваат меки и после еден ден. Многу се вкусни, особено кога ќе се премачкаат со малку џем и ќе се наросат со шеќер во прав. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г брашно, 1 јајце, 2 големи лажици шеќер, 2 лажици масло, сол, 1 лажица сок од лимон, 8 г сув квасец, 1 лажица путер, 240 мл топло млеко, шеќер во прав, џем од кајсија или по ваш избор.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете го млекото, шеќерот и сувиот квасец. Промешајте со жица или маталка и оставете квасецот да се активира 2-3 минути. Претходно млекото оставете го да отстои на собна температура најмалку 1 час пред подготовка на тестото.
Потоа додајте го омекнатиот путер, додајте го маслото, јајцето и за арома додајте 1 лажица лимонов сок (може и сок од портокал). Сѐ измешајте и постепено додавајте го брашното со малку сол. Прво мешајте ја смесата со маталка, а кога ќе почне да се лепи за маталката, преминете на месење со раце.
По потреба додавајте си повеќе брашно, додека тестото да престане да се лепи. Тестото не треба многу да се премесува, ептен малку колку да се формира и да биде нелепливо, но сепак да остане меко. Кога ќе го заместите, вратете го во садот и покријте го со проѕирна фолија и памучна крпа и оставете да стасува од 40 минути до 1 час.
Од ова тесто се добиваат 12 големи печива, во облик на цветови. По стасување на тестото, префрлете го на рамна, набрашнета површина, размесете го малку додека да излезат насобраните гасови од него, па поделете го на два дела. Од секој дел поделете уште на половина, па на уште три дела.
Обликувајте во топчиња, па оставете да нараснат приближно 15 минути, под крпа. По изминатото време, започнете со обликување на цветовите. За тоа ќе ви биде потребна само 1 обична чаша, малку набрашнета на дното. Со прстите развлечете го секое топче така што ќе се добие тесто со дебелина од половина прст.
На средина од тестото ставете ја чашата, така што ќе се обележи на тестото круг. Од страните направете засеци со нож кои ќе претставуваат цветовите. Засеците правете ги така што да не бидат исечени до крајот каде што е кругот. Тргнете ја чашата и со прст малку подвиткајте ги краевите на цветот.
На средина од кругот кој првично го направивте избоцкајте неколкупати. Печивата редете ги настрана додека да ги подготвите сите. Пржете ги во длабоко масло, по неколку минути од секоја страна.
За време на пржењето треба да добијат убава, златна боја. Оставете да се изладат и малку да се исцедат на салфетка, пред да ги послужите. На средина од секој цвет нанесете 1 лажица џем од кајсии или некој по ваш избор и одозгора наросете ги со шеќер во прав и послужете ги.
Многу се вкусни навистина и не треба да им додавате ништо повеќе. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.