Памук погачата е една од наједноставните за приготвување, а сепак според изгледот и вкусот ќе ве воодушеви. Тестото само се замесува и обликува во еден потег, а потоа вака убаво се исцртува и тоа е тоа. Без премногу филозофии. Рецептот е наменет за почетници, а сепак сите ќе ги воодушеви.
Потребни состојки: 300 мл млеко, 100 г путер, 1 лажица шеќер, 1 лажица сол, 10 г сув квасец, 2-3 лажици масло, 5 г прашок за печиво (1 лажичка), 2 јајца и околу 800 г меко брашно тип 400
Постапка: Одвојте ги јајцата. Во еден сад ставете 1 белка и 1 цело јајце, а во друг сад ставете 1 жолчка и 1 лажица млеко. Остатокот од млекото загрејте го, а путерот растопете го. Во млакото млеко ставете квасец и шеќер, па промешајте.
Додадете малку брашно (2 полни раце), па додадете го јајцето од првиот сад + 1 белка, растопениот путер, сол и прашок за печиво. Убаво промешајте со лажица. Потоа постепено, малку по малку додавајте го брашното, а на крај замесете го со рака. Треба да добиете меко и малку лепливо тесто (види видео).
Прелијте го со 1-2 лажици масло, превртете го, краевите уфрлете ги кон средината, повторно превртете го, прекријте го со крпа и оставете го на топло место да стасува околу еден час или подолго.
Стасаното тесто премесете го на работна површина со малку од преостанатото брашно, колку да не се лепи на површината. Обликувајте го тестото во топка, па притиснете го со дланките да се израмни.
Префрлете го во плех 28-30 см претходно намастен или обложен со хартија, па дополнително со рака обликувајте го тестото. Натопете ги прстите во преостанатото масло, па направете раб 1-2 см од ивицата на тестото, а потоа исто така, со врвовите од тестото направете триаголници.
Прекријте го со крпа и оставете 30 минути да отстои, па вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Кога ќе се загрее, изматете ја жолчката што остана на страна со една лажица млеко, па премачкјате ја целата погача. По желба наросете семки. Печете околу 25 минути или малку помалку. Деталите од постапката погледнете ги во видеото: