Доколку барате брз и лесен рецепт со кој нема да се потрошите многу, а истовремено ќе биде многу вкусен, тогаш сте на вистинското место. Овој колач е лесен, освежителен и се подготвува од малку состојки. Не се пече, ниту ќе валкате многу садови. Се подготвува од неколку едноставни состојки кои постојано ги имате во домот.
Страчатела колачот е еден од највкусните колачи кои се прават додека изброите до 5. Колачите со кекси и креми кои не се готват се многу практични, бидејќи можат да се приготват ден порано, па на тој начин си го кратите времето за некој важен настан или прослава. Eве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 500 мл засладена павлака за готвење (2 чаши), 150 г маскарпоне (1/2 чаша), 100 г ситно сечкано темно чоколадо (1/2 чаша), 50 г наполитанки (по избор), 200 г бели бисквити, 150 мл млеко.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 300 г плазма кекси, 500 мл слатка павлака, 500 г крем сирење, 100 г шеќер во прав, 1 кесичка ванилин шеќер, 100 г чоколадо и 200 мл чоколадно млеко. За декорација: 100 г бело чоколадо, 100 мл слатка павлака и 50 г мини чоколадна плазма или ситни чоколатца.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: За овој колач потрошив 32 бисквити (според големината на калапот). Во еден подлабок сад сипете две чаши слатка павлака, па додајте 1/2 чаша маскарпоне (или некое друго крем сирење). Изматете со миксер додека да се добие цврст крем, кој е потребно да се измати неколку минути.
За да бидете сигурно дека снегот е добро изматен, проверете така што со лажица ќе земете малку од кремот и ќе го превртите. Доколку кремот не паѓа од лажицата, тогаш е добро изматен. Во вака изматениот снег додајте 100 г ситно сечкано чоколадо (темно) и изматете лесно со шпатула. Чоколадото треба да биде многу ситно исечкано.
Изронете 50 г наполитанки по ваш вкус (најубаво одат чоколадни) и повторно лесно соединете со шпатула. Подгответе си еден правоаголен калап со флексибилен обрач и наредете еден слој бисквити, претходно натопени во млако млеко. Според големината на мојот калап, за еден слој употребив 16 бисквити, но навистина ова не е важно бидејќи колачот не се пече.
Единствено што може да излезе поразлично е висината на колачот. Кога ќе го наредите првиот слој, излејте го целиот крем и убаво израмнете го со задниот дел на една лажица или со шпатула. Потоа, наредете уште еден слој бисквити, натопени во млеко.
Вака подготвениот колач завиткајте го во стреч-фолија и ставете го во фрижидер минимум 4 часа. Потоа, одделете го обрачот на калапот и послужете. Забелешка: Добро израмнете го колачот така што горниот слој бисквити да излезе рамен. Деталите погледнете ги ОВДЕ.
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Слатката павлака изматете ја со постепено додавање на шеќер и ванилин шеќер. Додајте го крем сирењето и кратко измиксајте за да се поврзат. Млечното чоколадо ситно исечкајте го, па додајте го и рачно промешајте го со лажица.
Калап со димензии 30х10 см обложете го со проѕирна фолија. Плазма кексите натопувајте ги во чоколадното млеко (ладно) околу 15-20 секунди, не предолго. На дното од калапот ставете 2-3 лажици од филот и распоредете рамномерно.
Преку кремот наредете плазма кекси, еден до друг, убаво да биде пополнето. Преку кексите наредете половина од кремот, па наредете нов слој кекси, па преку нив остатокот од кремот. Убаво израмнете и завршете со уште еден ред кекси (вкупно три слоја кекси).
Колачот оставете го во фрижидер добро да се олади и стегне, најмалку 6 часа. За украсување: на умерен оган загрејте ја слатката павлака и белото чоколадо искршено на коцки. Мешајте додека да се растопи, но внимавајте да не ви загори. Следниот ден колачот превретете го врз чинија за сервирање, отстранете ја фолијата и преку колачот прелијте го ганашот. Украсете по желба. Фото и рецепт на Сузана Бајрам.