Овие гревови се смртни! Нив никогаш не смееме да ги направиме

Свети Кипријан Картагински – ЗА ДОБРОТО ОД ТРПЕНИЕТО

Спасителна е прегратката на нашиот Господ и учителː„Оној, што до крај ќе поднесува, тој ќе биде спасен“. И повторноː„Ако опстоите на мојот збор, навистина сте мои ученици и ќе ја спознаете вистината. А вистината ќе ве ослободи“.

Треба да се поднесува и да се истрајува, премили браќа, за да можете да бидете допуштени до надежта за вистината и слободата и за да можете да стигнете до самата слобода, зашто, бидејќи сме христијани, ова е прашање за нашата вера и надеж. Но, за да можат надежта и верата да дадат плод, треба да се има трпение.

Зашто ние не ја следиме сегашната слава, туку идната, согласно со она, на што и апостолот Павле нè опоменува, велејќиː

„Со надежта сме спасени. Но надежта, што е видлива, не е надеж, зашто, ако некој гледа нешто, на што тогаш се надева? Ако пак се надеваме на нешто што не го гледаме, тогаш, преку очекувањето се надеваме на него. Очекувањето и трпението се нужни, за да можеме да го исполниме она, на што се надеваме и во што веруваме.

Потоа, на едно друго место, истиот апостол порачува дека праведниците и оние, што вршат добри дела, за збогатување на небесните ризници, и тие да бидат трпеливи, па учи и поучува велејќиː

„Додека имаме време, да правиме добрини кон сите, но најмногу кон оние кои се блиски до верата. А пак, правејќи добрина да не отстапуваме, зашто по свое време – ќе жнееме“.

Тој опоменува да не се откажува некој нестрпливец од правењето добри дела и никој да не се откажува, предизвикан од искушенијата или победен на сред пат кон пофалбата и славата, за да не пропадне и она, што порано е направено, ако се откажат да го свршат она, што веќе го започнале, како што е запишаноː

„Држи се храбро за она што го имаш, за да не го земе некој друг твојот венец“.

Овој збор поттикнува трпеливо и храбро да се истрајува и оној, кој со божеска слава се стреми кон венецот, благодарение на истрајното трпение, нека биде и овенчан.

А пак трпението, премили браќа, не само што ги чува добрините, туку и ги гони несреќите. Подржувајќи го Светиот Дух и сврзувајќи се со сè она, што е небесно и божествено, против делата на плотта и телото, со кои душата е освоена и обземена, тоа се бори со крепоста на своите доблести. Да разгледаме најсетне некој од бројните примери, за да се разберат од овие неколку и останатите.

Прељубата, измамата, убиството се смртни гревови. За да биде трпението само и постојано во срцето, посветеното тело не се скверни со прељуба и невиноста, завештана на праведноста не се гнаси во допир со измама, ниту пак раката, што понела евхаристија се опетнува со меч и крв.

Љубовта е оков на братството, основа на мирот, тврдина и цврстина на единството, коешто е поголемо и од надежта и од верата; оди пред делата и мачеништвата; таа постои секогаш и вечно ќе остане со нас и во царството небесно.

Одземи ѝ го трпението – останата сама и таа не опстојува. Одземи ѝ ја суштината на воздржувањето и поднесувањето – таа не истрајува со никакви други корени или сили.

Апостолот потоа, кога зборува за љубовта, со неа ги поврзува и подносливоста и трпениетоː „Љубовта“, вели, „е великодушна, љубовта е благодетелна, љубовта не соперничи, не се возгордева, не се раздразнува, не мисли зло, љуби сè, верува сè, се надева на сè, поднесува сè“.

Оттука покажува дека таа може цврсто да истрае, зашто знае да издржи сè. И на друго местоː „Вие што взаемно издржувате во љубовта, доволно чините да го сочувате единството на духот преку сврзувањето со мирот“.

Докажа дека не може да се сочува ни единството на мирот, ако браќата со заедничка подносливост не се заштитуваат взаемно и со помош на трпението не ги чуваат веригите на слогата.

И што потоа? Да не се колнеш ниту проколнуваш, да не го бараш она, што ти е одземено откако примиш заложници, да го подаваш и другиот образ на оној што те удира, да му ги простиш на братот кој ти згрешил не само седумдесет пати, туку сите негови гревови, да ги љубиш своите непријатели, да се молиш за твоите противници и прогонители – ќе можеш ли сето тоа да го поднесеш без цврстината, што ти ја дава трпението и подносливоста?

Ова го гледаме остварено кај Стефана, кој, кога беше убиван од Јудеите со насилство и камења, не бараше одмазда за себе, туку прошка за убијците велејќиː

„Господи, не сметеј им го ова за грев“. Требало да биде така што првиот маченик за Христа, којшто со својата славна смрт ги претече идните маченици, да биде не само предвесник на Божјото страдание, туку и подржавател на трпелива Кроткост.

А што да кажам за гневот, за неслогата, за соперништвото, коишто не треба да ги има кај христијаните. Нека има трпение во срцето и тие нема да можат да најдат место таму, или ако и се обидат да пријдат, задржани, бргу отстапуваат, за да опстои во срцето миротворно пребивалиште, каде што би се радувале да обитава Бог на мирот.

Потоа апостолот советува и учи велејќиː „Немојте да го жалостите Светиот Дух Божји, во кој сте обележани во денот на искупението. Сета горчина, срдба, гнев, викот и погрда нека бидат далеку од вас“.

Зашто, ако христијанинот се ослободил од бес и од плотен нагон како од морски витли и веќе почнал да бивствува спокоен и благ во пристаништето на Христа, не треба да допушти во срцето да носи ни гнев ни неслога, зашто нему не му доликува ниту да враќа на зло со зло, ниту да мрази.

Трпението е нужно и за разни плотни непријатности и често тешки телесни измачувања, коишто секојдневно го истоштуваат и потресуваат човечкиот род. Зашто, кога со она прво пречекорување на правилото се губи цврстината на телото заедно со бесмртноста, а со смртта доаѓа бессилие и не може да се поврати, освен ако не се придобие бесмртноста, треба во оваа телесна трошливост и бессилие секогаш да се бори и судира, а оваа борба и судир можат да се издржат само со силата на трпението.

За да бидеме испитани и искушани, ни се нанесуват разни болки, ни се наметнуваат многубројни искушенија, какви што се загубата на имотот, оган од треска, страдање од рани, загуба на драги суштества.

А неправедните од праведните по ништо друго повеќе не се разликуваат, одошто по тоа, што неправедниот во несреќата покажува нетрпеливост и се жали на други, а праведниот се докажува преку трпението, како што е напишаноː

„Воздржи се во болките и имај трпение по понижувањето (кога си понижен), зашто златото и среброто во оган се потврдува“.

Loading...