Пролетта носи уживање за многу луѓе кои со задоволство ги исполнуваат белите дробови со пријатниот мирис на расцутената природа, но не и за околу третина од граѓаните на кои почетокот на пролетта им создава нервоза, бидејќи пристигнуваат и сезонските алергии, најчесто предизвикани од поленовиот прав.
Иритирачките симптоми како кивање, растечен нос и насолзени очи кај некои се лесни и подносливи, а кај други влијаат на квалитетот на животот. Сепак, во ретки случаи може да доведат до астматична реакција. Затоа, многу е важно да не се игнорира потребата од консултација со стручни лица, особено кога станува збор за деца алергични на полен.
Алергијата од поленов прав се манифестира преку симптоми како:
Кивање, течна секреција од носот, чешање или боцкање во очите, носот или во грлото, зацрвенети очи, солзење на очите, темни кругови околу очите, кашлање.
Многу тешки реакции поретко се појавуваат, а се манифестираат со оштетување на слузокожата во грлото. Најтежок облик на алергија од полен е бронхијалната астма. По ова се јавува оток на слузокожата во бронхиите и гр-ч на органите за дишење, состојба што бара итна лекарска интервенција.
Вообичаено утврдувањето на алергиите се врши со посебни алерготестови. Точна дијагноза единствено врз основа на симптомите е тешко да се постави, бидејќи овие симптоми се јавуваат и кај други состојби, како на пример обична настинка.
Алергијата може да ја влошат одредени намирници
Почетокот на сезоната на алергии може да биде прилично непријатен за некои луѓе. Ако страдате од сезонски алергии, може да забележите дека одредени оброци или закуски ги влошуваат вашите симптоми.
Тоа се вика синдром на орална алергија (ОАС), изјави за „Livestrogn“ д-р Килфорд Басет, основач и медицински директор на Алергија и нега на астма во Њујорк.
„ОАС опишува алергиски реакции кои обично се јавуваат по конзумирање на одредени термички необработени овошја, јатки, зеленчук или зачини кај луѓе кои се чувствителни на полен“, вели тој.
Иако не е вистинска алергија на храна, тоа е еден од начините на кои може да се појави алергија на полен, а може да се појави и ако сте алергични на полен од дрво, трева или плевел, вели лекарот.
Тоа е кружна реакција што се јавува помеѓу алергените во поленот и храната, според Американскиот колеџ за алергија, астма и имунологија (АЦААИ). Поленот и протеините во оваа храна изгледаат слично на вашиот имунолошки систем, така што вашето тело започнува реакција против нив.
„Во рок од 10 минути од јадењето одредена храна, може да забележите благо чувство на чешање или пецкање во устата, усните или грлото“, вели д-р Басет. Дигестивниот процес ги неутрализира овие алергени, вели тој, па симптомите брзо исчезнуваат.
За мал процент од луѓето, овие реакции можат да бидат посериозни. „ОАС е почеста кај луѓето кои се алергични на полен од бреза, дури и повеќе отколку кај оние кои се чувствителни на полен од трева“, вели д-р Басет.
Алергија на полен од бреза
Сезоната на полен на дрвјата започнува во рана пролет и трае до мај. АЦААИ вели дека луѓето кои се алергични на полен од бреза, најверојатно ќе се чувствуваат полошо ако ги јадат следните намирници: јаболка, бадеми, моркови, целер, лешници, круши или сливи.
Алергија на полен од трева
Поленот од трева обично е во воздухот кон крајот на пролетта и летото, според АЦААИ. Ако имате алергија на полен од трева, може да забележите зголемена реакција кога ги јадете следните намирници: целер, портокали и домати.
Алергија на полен од амброзија
Кога станува збор за амброзија и алергии на овој плевел, треба да ги избегнувате следните намирници: банани, краставици, компири, тиквички, семки од сончоглед, дињи и лубеница.